Здравствената состојба на тројцата професори се влошува, ректорот не реагира

by Fokus

Здравствената состојба на тројцата универзитетски професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски се влошува, откако веќе една недела штрајкуваат со глад во просториите на СОНК, бидејќи како што тврдат, незаконски се избркани од работа од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Тие цела недела не ставиле залче во уста во знак на протест. Единствено пијат вода, какао, кафе и чај.

– Почна да ни се влошува здравствената состојба, што е нормално. Не сме јаделе веќе седум дена. Чувствуваме вртоглавици, малаксаност, не знам до кога ќе издржиме вака. Знам дека не е лесно. Сите сме во лоша состојба – истакна професорот Костадиновски.

„Фокус“ контактираше и со лекари, за да ни објаснат стручно – колку време професорите можат да издржат без храна и кои се првите симптоми кои се појавуваат од прегладнетост?

– Без храна, на течности може да се издржи повеќе време. Но, факт е дека првите симптоим, вртоглавица, малаксаност, губење на енергија и концентрација се јавуваат по неколку денови – истакна доктор Катерина – Спасеска-Ѓуровска, општ лекар.

Ректорот на штипскиот Универзитет, Саша Митрев и денеска не одговараше на телефонските повици и смс-пораките на „Фокус“, за да ни објасни кога планира да постапи по решението на Државниот просветен инспекторат, во кое се наведува дека има неправилности и дека треба да се повтори изборот. Досега реакција нема и од деканот на факултетот Ристо Фотов. Тие по решението треба да постапат во рок од осум дена.

Раководството на СОНК утре планира да одржи седница, на која ќе донесе одлука да се радикализираат мерките, односно, ако до утре ништо не се реши. тие исто така, ќе им се придружат на тројцата професори и ќе пристапат кон штрајк со глад.

Тројцата универзитетски професори за овие седум дена поддршка добија од нивните колеги, како и од апсолвентите на Економскиот факултет.

Поврзани новости