Јавноста се уште е во шок од веста за смртта на рок и поп пејачот и актер Влатко Илиевски. Пејачот кој ја започна својата музичка кариера пред околу две децении, и покрај тоа што во изминатиот период не беше доста застапен на фестивалите и во студио, работејќи на нови материјали, сепак секогаш беше еден од препознатливите ликови на естрадата.
Повремено настапуваше во локали, редовно беше расположен да дава интервјуа, а последната песна која ја сними и со која настапи на фестивалот Охридски трубадури 2017 беше ,,Дајте му ја’’.
Текстот и музиката за истата ги напишал самиот, додека аранжманот му бил заеднички со Иле Спасов.
На сцената во Охрид се случи и неговиот последен фестивалски настап, на втората вечер наменета за поп музика, на 24 – то издание на фестивалот.
И покрај тоа што не се најде помеѓу првонаградените, тој не криеше дека го радува учеството на манифестацијата, па во свој стил насмеан и енергичен, љубезно се поздравуваше со присутните позади сцената, одвојуваше време да поседи со своите колеги и новинарите и да размени некој збор.
-Не е важна наградата, Охрид ми е супер град, го сакам фестивалот. Со години наназад сум дел од Трубадури, прекрасна атмосфера, дружба, уживам – ни изјави лани во септември Илиевски.
Тогаш исто така ни кажа дека нема снимено многу нови песни во изминатиот период, но за ,,Дајте му ја’’ самиот ги напишал текстот и музиката, и како се надева дека песната ќе се слуша и пее.
-Морам да одам, нареден настапувам, слушнете го последното од мене – ни порача додека весело иташе кон сцената покрај крајбрежјето.
Токму таков, ведар и енергичен велат дека ќе го паметат и неговите пријатели,колеги и соработници. Многу од нив раскажуваат дека претчувствувале како има некоја мака, но никој не помислувал на најлошото, токму поради ведриот дух. Само неколку часа пред да почине, тој му се обратил на неговиот колега Роберт Билбилов и му кажал дека сака да му сними нова песна.
-Ми треба песна, песниште. Ти знаеш точно што и како, и имам една идеја – биле зборовите на Влатко кон неговиот соработник и пријател.
Исто така, во повеќе наврати тој кажуваше дека наредната година планира да одржи втор солистички концерт во Арена Борис Трајковски и да го повтори успехот од пред осум години, кога пееше пред полна сала. Токму поради неговите планови за идинината, доброто расположение и насмевката која секогаш му беше придружник, многу од неговите колеги и пријатели никогаш не ни помислиле дека нешто може да му се случи.
Смртта ги прекина неговите планови за нови песни и концерти, а стиховите на неговата последна песна ,,Дајте му ја’’ на која беше многу горд ви ги пренесуваме.
-Не сакам никој име да и спомнува
не сакам песна што на неа потсеќа,
велат поминало што било,
ветер се ќе однесе,
ех, да може срцето да раскаже.
Немојте да ја барате во туѓина,
немојте, нека биде таму најсреќна,
враќање назад веќе нема,
може подобар ја зема,
но кај и да е нека биде најсреќна.
Дајте му ја, дајте му ја,
па макар да му биде таа последна,
за мене нема веќе стари песни и гитари,
само рана длабока на душава.
љубовта велат граници не познава,
баш таа граница ми беше судбина,
е преку неа таму некој друг го доби мојот цвет,
тој цвет што за мене е сиот свет.
Вики Клинчарова