Портрет на Стевчо Јакимовски: Прво македонска, па потоа европска перспектива!

Ајде да ги отвориме вратите за инвеститори во Република Македонија, но претходно дајте да направиме 50 милијарди евра инвестиции во делот на транспорт, во делот на енергетиката, железницата, туризмот. Македонската економија треба да биде отворена за инвестирање, овој народ мора од нешто да живее, вели Јакимовски, кој на овие избори настапува под слоганот „Храбро за Македонија“.

by Фокус

Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува интервјуа со претседателските кандидати кои се согласија да ни одговорат на прашањата, додека за оние што одлучија да ја одбијат или игнорираат нашата покана направивме мини-портрети, преку кои се обидовме да ги доловиме нивните позиции за клучните теми. Кандидатот за претседател на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, воопшто не одговори на нашата покана. Затоа, ги издвојуваме главните поенти од неговите јавни настапи во предизборната кампања.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Стевчо Јакимовски моментално го ситни четвртиот мандат како градоначалник на Карпош, функција преку која, всушност, го создаде политичкиот рејтинг и авторитет. Во меѓувреме, Јакимовски извршуваше функции и во извршната власт, со оглед дека беше министер за економија и труд и социјала во владите на СДСМ, како кадар на ЛДП.

Како што е познато, тој одамна излезе од ЛДП и прво стана дел од највисокото раководство на СДСМ, но влезе во конфликт со Бранко Црвенковски по што ја формираше политичката партија ГРОМ, која ја предводи до ден денес.

Со ГРОМ тој веднаш почна да соработува со ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски, а оваа соработка ја продолжи и неговиот наследник Христијан Мицкоски. Арно ама, Јакимовски и Мицкоски бргу влегоа во конфликт и ја раскинаа коалициската соработка, па ГРОМ почна да трасира свој пат, кој заврши со коалиција со ИНТЕГРА на Љупчо Ристовски и ПЦЕР на Самка Ибраимовски.

Токму оваа коалиција стои зад претседателската кандидатура на Јакимовски, кој вели дека има искуство, знаење, минат труд да ја извршува највисоката функција одговорно и сериозно.

Не планирам да не се пласирам во вториот круг, а во вториот круг обично јас победувам. Нека размислуваат овие кои бегаат од дебатите дали ќе се најдат во вториот круг… Ако имате плашлив претседател во кампања, ќе имате и плашлив претседател, кој ќе седне во столчето под падините на Водно – вели Јакимовски.

Тој смета дека буквално сите земји во регионот се потсмеваат со Република Македонија. Според него, кога ќе се одлучува за европската иднина на Македонија, Брисел треба да најде начин „да ги прати Бугарите да пијат кафе или да појадуваат“, како што тоа се случи со Виктор Орбан и одлуката за Украина.

На пример, ние на Србија ѝ служиме како пример за непопустливост затоа што сѐ што попушти Македонија, практично бенефитот од тоа не го видовме, освен што станавме членка на НАТО-структурите, во кои ќе бевме членка и без да го променевме името зашто сега ни стана јасно на сите дека поради војната во Украина мораше да биде затворено јужното крило на НАТО и тоа беше причината зошто Република Македонија наврат-нанос мораше да влезе во структурите на НАТО – изјави Јакимовски.

И покрај тоа што се најде на црната листа на САД, бидејќи, според Стејт Департментот, го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции, тој вели дека гарант за постоење на Република Македонија се САД, а Македонија мора да биде дел од НАТО.

Нема зошто да им се додворувам на САД, нивната политика е за големи критики и трпи критики. Секоја држава се труди да биде дел од некои интегративни процеси, дури и Русија која е доволна сама за себе си прави БРИКС и ШОС.

Македонија како мала држава со помалку од 2 милиони жители, да не биде дел од некој сојуз е многу опасно. И Југославија го формираше движењето на неврзаните, ние сме го одбрале овој интегративен процес и мора да создаваме услови за тој пат – истакна Јакимовски.

Истовремено, тој прашува – каде пишува дека само европската перспектива е перспектива?

Јас сум прво за македонска, а потоа за европска перспектива. Може ли некој да одговори зошто ние немаме ниту еден инвеститор од Саудиска Арабија, од Катар, од Либан, од Блискиот Исток, а сите тие ги има во европските земји? Како може да има руски инвестиции во Грција, земја членка на НАТО и на ЕУ, а за Македонија тоа се проблематизира? Не алудирам на Русија, за било кој инвеститор е исто.

Ајде да ги отвориме вратите за инвеститори во Република Македонија, но претходно дајте да направиме 50 милијарди евра инвестиции во делот на транспорт, во делот на енергетиката, железницата, туризмот. Македонската економија треба да биде отворена за инвестирање, овој народ мора од нешто да живее.

Ако нивната европска политика е да одиме таму и да им ги чистиме улиците, јас не сум за таква политика, ако здружувањето со нив значи да отвора повеќе перспективи за младите овде во Република Македонија, тогаш сум за. Мојот концепт е овде инвестиции, големи инвеститори во Македонија, ако се отворат инвестиции во енергетиката, патната инфраструктура, железница, тука ќе има работа за сите нас, нема потреба да одиме никаде – рече тој.

За односите со Русија, пак, тој вели дека ситуацијата е многу искомплицирана и дека е невозможно да се има економски, политички или други врски со Руската Федерација.

Мислам дека секој мора да води сметка во какво опкружување живее. Причината поради која се потпишувале два договори МИНСК 1 и 2 биле проблеми во украинското општество, но Меркел кажа дека тие договори биле само купување на време, значи двете држави се подготвувале за војна. Апсолутно Русија е агресор во Украина –  нагласи Јакимовски.

Тој е против барањето на ДУИ и другите албански партии претседателот на државата во иднина да се избира во парламентот со двотретинско плус Бадентер. Во однос на барањето на опозицијата за укинување на балансерот, пак, вели:

Балансерот нема врска со руски влијанија и тој е пробиен веќе одамна, бројот на Албанци во администрацијата е далеку над тој број утврден со Балансерот и сметам дека не само Балансерот, туку и дека мора да прекинеме со партиски вработувања“.

Според него, политиката треба да ги тргне рацете од образованието, здравството и безбедносните структури. Ако стане шеф на државата, најавува голема поддршка за младите лекари.

Добар политичар мисли само за следните избори, а добар државник мисли за следните генерации. Иднината не се наследува, нас во наследство асномците ни оставија прекрасна држава, дури и од Уставот ги исфрлија, а во исто време некако не создаваме нова иднина, затоа ова се избори во коишто секој граѓанин треба да се вклучи во создавањето на иднината на Република Македонија, а јас сум тука да идам на чело токму за создавање на иднина за сите граѓани на Република Македонија.

Мора да го реформираме темелот на општеството, тоа е образованието. Образование кое ќе дава знаење, а не петки, образование во коешто ќе биде фундаментот на општеството. Втората работа се реформите во здравството. На претседателот на државата не му се сеедно во какви болници се лечат неговите граѓани, какво образование има.

Исто ли е дали имаме неефикасна гломазна администрација, во која ќе викате нема пари за ова за она, впрочем како претседател на држава ќе бараш средства за Армијата, за вооружување, техничка опрема и да ти велат дека нема, а во исто време министерства кои треба да бројат по 10 луѓе, да бројат по 450 луѓе со високи плати и згора на тоа не доаѓаат на работа.

Тоа како претседател на држава треба да го премолчувате или треба сите такви горливи прашања да се отвораат и заеднички со Владата да се разрешуваат. Кога гледаме дека некои работи не одат претседателот е најповикан во име на сите граѓани да бара решенија – порача тој.

Инаку, Јакимовски, заедно со претседателската кандидатка на Левица Билјана Ванковска се мета на напади на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ги нарекува „опозиција на опозицијата“ и „измеќари на СДСМ и ДУИ“.

Но, Јакимовски прашува зошто Мицкоски во тој куп не го става и Максим Димитриевски?

Јас не ставам при срце што зборува Мицкоски, за мене тој е нерелевантен како човек и како политичар. Сите кои му сметаме по прашањето за промена на Уставот, што нашиот став е да го затвориме бугарското прашање комплетно, вели дека сме измеќари – рече тој.

Јакимовски вели дека неговата програма со 17 точки е најцеловита и прави компарација дека програмата на актуелниот претседател Стево Пендаровски има само 5 точки.

Пендаровски има пет точки кои не можеш да ги разбереш, а е актуелен претседател пет години, немам зошто да се бавам со нив, прво не се интересни, помалку знаат од мене, очигледно некои од нив кога би биле на мое место не можат ни 3.000 потписи да соберат – вели Јакимовски.

Граѓаните го памтат по директниот и честопати жесток говор, но, како што вели Јакимовски, претседател на држава не може да биде дежурен кавгаџија.

Мојата реторика е во насока на смирено делување, сè што сакаме да кажеме можеме да кажеме без агресија и тешки зборови. Созреавме во политиката и нема прашање на кое сталожено не можеме да му пријдеме – истакна Јакимовски.

Сепак, не штедеше зборови за противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова, бидејќи избегнувала дебата со него.

Дали знаете која разликата помеѓу професорот и студентот? Веројатно не! Професорот си ја учи лекцијата еден ден порано! Овие научени лекции од порано на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова секојдневно им ги раскажува на „приведените“ партиски членови на нејзините митинзи. Сакале нејќеле тие мора да ја слушаат, со сите цитати, од Орвел па наваму.

Но, Силјановска не сака со тие нејзини научени лекции да дојде и да седнеме на маса и да ги спротивставиме нашите гледишта. А зошто не сака? Затоа што ќе се види дека нејзините дискусии се голи фрази непоткрепени од обичниот македонски живот. Истите тие нејзини дискусии во една отворена дебата ќе се растурат како кула од карти – истакна тој.

Според него, клучот е како да создадеме услови младите да не се иселуваат.

Се иселува дел од економски причини, но голем дел се иселуваат како резултат на тоа што нема систем во Република Македонија. Значи младите бараат да има систем, да функционира судско-обвинителскиот систем, да функционира државната администрација, да имаме функционален пазар на труд, да имаме функционална пазарна економија, да имаме развиени мали и средни претпријатија, но за сето тоа ни е потребно да имаме инвестиции – рече тој.

Тој воопшто не одговори на нашата покана за мини-интервју, што е далеку почесен пристап во споредба со оној на Силјановска и Бујар Османи, од кои првата проверуваше дали има простор да нѐ вметне во агендата и остана на тоа, а вториот првично прифати, но потоа не одговори на нашите прашања.

Поврзани новости