Портрет на Бујар Османи: Избори меѓу две алтернативи – интеграција и изолација!

Ако имав предизвик како министер за надворешни работи да ги отворам преговорите со ЕУ по 17 години чекање, верувајте дека како претседател можам да го завршам процесот за членство во ЕУ во следните пет години. Ќе го искористам целиот потенцијал на европскиот фронт, целото мое знаење, знаењето од процесите што ги водев, моето искуство, моите контакти низ светот за да го завршам овој процес во следните пет години, вели Османи, кој на овие избори настапува под слоганот „Европски претседател“.

by Фокус

Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува интервјуа со претседателските кандидати кои се согласија да ни одговорат на прашањата, додека за оние што одлучија да ја одбијат или игнорираат нашата покана направивме мини-портрети, преку кои се обидовме да ги доловиме нивните позиции за клучните теми. Кандидатот за претседател на ДУИ, Бујар Османи, првично одговори позитивно на нашата покана, меѓутоа никогаш не одговори на нашите прашања. Во недостиг на одговори, ќе се обидеме да го портретираме Османи и да ги скицираме неговите ставови, пренесувајќи главни поенти од неговите јавни настапи.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако ДУИ на претходните претседателски избори не кандидираше свој кандидат, туку заедно со СДСМ и другите владини партнери застана зад кандидатурата на актуелниот претседател Стево Пендаровски како консензуален кандидат, сепак, на овие избори „интегративците“ одлучија да настапат со свој адут.

Имено, една од причините за ваквата одлука е фактот што албанските опозициски партии се обединија и, згора на тоа, го кандисаа лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари да им се приклучи и да влезе во трка за претседател, со што предизвика раскол и поделба во матичната партија.

Па, кога Али Ахмети се соочи со обединета опозиција и претседателски кандидат со висок индивидуален рејтинг, кој патем двапати го победува ДУИ на локално ниво во Гостивар, беше присилен и тој да извади претседателски кандидат, што практично ја растури можноста за предизборна коалиција меѓу ДУИ и СДСМ.

Во еден момент, дури проструија информации дека Ахмети ќе влезе во трка за претседател, со цел да се постигне максимална мобилизација на гласачкото тело, но се покажа дека тоа е само пробен балон, чија цел е да се покрие темата за случувањата во АА и кандидатурата на Таравари.

Набргу потоа дојде официјална потврда од Мала Речица дека изборот падна врз Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, кој во минатото беше и министер за здравство и вицепремиер за евроинтеграции, а во партијата се јавува во својство на портпарол и последно – потпретседател.

Исто како и со другите кандидати, постапивме и кон Османи, кому му се обративме за предизборно мини-интервју. Првично, тој одговори позитивно, меѓутоа никогаш не одговори на нашите прашања, со што демонстрираше непочитување и кон времето и трудот на новинарот, но и кон медиумот.

Кои прашања тој одби да ги одговори?

– Зошто ДУИ одлучи да номинира кандидат за претседател, за разлика од претходните избори, кога како партија застанавте зад кандидатурата на актуелниот претседател Пендаровски?

– Дали, односно колку врз ваквата одлука влијаеше обединувањето на албанските опозициски партии, кои за претседателски кандидат го исфрлија Таравари?

– Како ДУИ одлучи Вас да ве избере за претседателски кандидат, бидејќи во одреден момент се споменуваше можноста да се кандидира и партискиот лидер Али Ахмети? Дали оваа информација беше веродостојна или никогаш немало такво размислување?

–  На кои постулати се темели Вашата изборна програма и каков претседател ќе бидете доколку ја добиете довербата од граѓаните? Каков ќе биде Вашиот пристап и какви чекори ќе преземете согласно овластувањата во надворешната политика, безбедносно-одбранбениот сегмент итн.?

– Какво е Вашето мислење за актуелниот претседател Пендаровски? Дали тој ја оправда вашата доверба и дали би можел повторно да смета на вашата поддршка во вториот изборен круг, доколку влезе во дуел до Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ, како што се очекува?

– Бидејќи претседателските избори се одржуваат во пакет со парламентарни избори, каков резултат очекувате на парламентарните избори? Дали сметате дека ДУИ ќе биде дел од идната влада, и ако е така – со кој/кои партнери и врз основа на каква платформа?

– Во неколку наврати велите дека вашиот услов за учество во идната влада ќе биде обврската да се изгласаат уставни измени. Во тој контекст, остана да виси една дилема, бидејќи Вие тврдите дека има пишан документ со албанските партии, додека Таравари вели дека има само џентлменски договор. Која е вистината? Итн.

Откако изостанаа одговори, ќе се обидеме да го портретираме Османи и да ги скицираме неговите ставови, пренесувајќи главни поенти од неговите јавни настапи во досегашниот тек од предизборната кампања, која кандидатот на ДУИ ја почна од претседателската вила на Водно со автобус, по теркот на американските политичари.

Привилегиран сум што сум единствениот кандидат Албанец за претседател кој има девет политички партии и четирите најголеми заедници во земјата. На рамениците носам една од најблагородните стогодишни мисии, онаа за подигнување на границите меѓу нас. Тоа е европскиот фронт.

Овој фронт ми овозможи да бидам случаен минувач за отстранувањето на границите преку интеграција на нашиот регион во ЕУ. Благодарен сум му на фронтот што ја стави оваа голема доверба на моите плеќи – рече деновиве Османи.

Тој истакна дека настапува со програма „Декалог на европскиот претседател“ со 10 ветувања и неколку главни столба.

– Прво, претседателот како компас на геостратешката ориентација бидејќи кај нас улогата на претседател е ограничена. Претседателот треба да биде гласот на разумот, треба да биде морална вертикала која ги држи геостратешките линии на државата и гледајќи што се случува на политичката сцена, гледајќи ги наративите што се презентираат во последно време, многу е важно да имаме претседател кој ќе биде чувар на геостратешката ориентација.

Второ, претседателот како поврзувачко ткиво на политичките и етичките наративи и претседателот како креатор на државен консензус. Сметам дека Македонија има застој во своето развивање поради перманентните политички и етички кризи и улогата на претседателот е да биде спојувач на овие наративи, кои неретко се противречни и треба да постои институција, поголем авторитет кој ја спојува политичката сцена, го спојува општеството во една меѓуетничка хармонија, меѓу-политичка соработка и евроатлантска ориентација и во оваа перспектива ја гледам улогата на претседателот… – говореше Османи.

Во друга пригода, тој порача дека од позиција на шеф на државата може да го заврши евроинтеграцискиот процес на земјава во рок од пет години. Тоа, како што нескромно кажа, ќе го стори благодарение на знаењето, искуството и контактите низ светот.

Ако имав предизвик како министер за надворешни работи да ги отворам преговорите со ЕУ по 17 години чекање, верувајте дека како претседател можам да го завршам процесот за членство во ЕУ во следните пет години. Ќе го искористам целиот потенцијал на европскиот фронт, целото мое знаење, знаењето од процесите што ги водев, моето искуство, моите контакти низ светот за да го завршам овој процес во следните пет години.

И ви ветувам дека ќе го направам тоа доколку ја добијам вашата ценета поддршка – рече Османи, со што отворањето на преговорите со ЕУ го припишува како лично постигнување, иако тоа немаше да биде можно без владата од која е дел да го прифати францускиот предлог, за што најголема политичка цена плати водечката партија – СДСМ.

Притоа, тој посочи дека европската интеграција е главниот избор на овој изборен процес, зашто, како што оцени, овие избори не се избори за гласови, туку избори во кои земјата, нејзината и судбината на граѓаните се помеѓу две алтернативи – интеграција или изолација.

Во тој контекст, тој неколкупати ја повикува на дебата неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова, нарекувајќи ја претставник на алтернативата за изолација. Османи бара таа аргументирано да го убеди оти изолацијата е подобра отколку интеграцијата.

Тоа се двете алтернативи пред кои се соочени граѓаните. Европскиот фронт, наспроти ВМРО-ДПМНЕ и госпоѓата Силјановска-Давкова – рече Османи, додавајќи дека вклученоста на сите во една мултиетничка демократија е клуч за стабилноста и хармонијата.

Освен што вети брза интеграција на земјава во ЕУ доколку дојде на претседателското место во државата, Османи кажа дека како претседателски кандидат се залага и за одржување на партнерството со САД, целосен ветинг, економски рамковен договор, квалитетно образование…

Секој што ќе има претензии, да стане министер, директор, судија или обвинител, прво ќе треба да го добие сертификатот издаден од САД, НАТО, ЕУ… Само така ќе ни се исчисти сцената од руско влијание и корупција… Нема да има Влада без договор за целосен ветинг на сите носители на јавни функции за да се исчисти Македонија од овие проблеми и пречки – рече Османи, кој во меѓувреме неколкупати повтори дека и уставните измени се предуслов за формирање влада.

Албанската опозиција на чело со Таравари најавува дека ќе го поразат ДУИ со цел конечно да заминат во опозицијата, но истовремено Османи вели дека луѓе кои 2 децении биле на власт, не можат да донесат промена.

Видете, опозиција не може да бидат тие што биле на власт во последните 20 години, власт е и локалната власт и централната власт. Ние треба да споредиме што сме направиле годините кога сме биле на локална или централна власт или, пак, луѓето што биле со функции во ДУИ 20 години, кои веќе се дел од опозицијата и се промовираат како промена, не можат да бидат промена – рече Османи на ТВ-дуелот со Таравари.

Воедно, тој се пофали дека во телефонот има броеви од луѓе што носат одлуки во светски рамки и на кои може во секој момент да им се јави и да им побара помош за Македонија.

Овие избори се специфични, не се обични како бирање меѓу мене, г. Таравари или другите пет кандидати, туку е одлука на граѓаните каква држава и каква иднина сакаме. Бидејќи се наоѓаме пред две патишта, едниот овозможува бериќетна европска иднина и друг пат кој не носи во изолација, без перспектива и нејасност.

Овие избори се народен референдум за тоа каква иднина сакаме, се наоѓаме на овој крстопат кој ќе ја определи судбината на луѓето кај нас. Јас овој пат на европска и евро-атлантска интеграција на земјата го почнав пред неколку години, отворив многу интеграциски процеси, раководејќи ги главните интеграциски договори и сакам во улога на претседател да го заокружам најголемиот сон на нашите граѓани односно интеграција во ЕУ – порача Османи.

Инаку, тој жестоко ја критикува идејата за граѓански Устав, заговарана од неколку негови противкандидати во претседателката трка. Според него, тоа би ги анулирало придобивките од Рамковниот договор, чии одредби се инкорпорирани во Уставот, со цел спречување на мајоризација.

По Рамковниот договор мене ми се овозможи не само да станам доктор на клиника, не само да станам министер, да станам и претседател на пола свет преку ОБСЕ – рече тој.

Поврзани новости