Фото: Вечер Пресс
Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика бројни проблеми низ градот, а на повеќе локации се евидентирани паднати дрвја како последица на поројниот дожд и силниот ветер.
Едно од поголемите дрвја падна на булеварот „Св. Климент Охридски“, при што беше попречено одвивањето на сообраќајот. Според првичните информации, за среќа, во инцидентот нема повредени лица, ниту е причинета поголема материјална штета.
Надлежните служби се на терен и работат на расчистување на паднатите дрвја и нормализирање на сообраќајот. Граѓаните се повикуваат на внимателност, бидејќи поради нестабилните временски услови постои можност од нови падови на гранки и дрвја.
Невремето кое го погоди главниот град предизвика и поплавени улици, отежнат сообраќај и интервенции на службите на повеќе критични точки низ Скопје.
Скопје попладнево се најде под вода откако силно невреме проследено со пороен дожд за кратко време предизвика поплави, материјални штети и сериозен сообраќаен хаос во повеќе делови од градот.
До Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот повикувачки број 112, пристигнале десетици повици од граѓани кои пријавувале поплавени подруми, дворови и магацини, како и заглавени возила на неколку критични сообраќајни точки.
Според ЦУК, најпогодени од невремето се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. Поројниот дожд за кратко време ги претвори улиците во реки, а движењето на возилата на повеќе локации беше значително отежнато или целосно невозможно.
Заглавени автомобили се пријавени на подвозникот пред кружниот тек во Бутел и на подвозникот на булеварот „Србија“ во Кисела Вода. Под вода останаа и кружните текови кај трговскиот центар „Ист Гејт“, кај „Мото Центар“ и „Цементара“ во Кисела Вода, како и кружниот тек во населбата Железара.
Целосно е поплавена и улицата „Јордан Мијалков“ зад „Дајмонд мол“, додека проблеми со излевање на вода се регистрирани и на паркиралиштата и пристапните улици во населбата Расадник, како и во делови од општина Аеродром.
По невремето, екипите на Град Скопје и јавните претпријатија веднаш излегле на терен. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека службите интервенираат на најкритичните локации и ќе останат мобилизирани во текот на целата ноќ.
Фото: Вечер Пресс