Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје повторно е во фокусот на јавноста по серијата поплаки за условите во кои престојуваат студентите.
По пријавите за влага, мувла и недостиг од греење, како и пожарот во кој се запалил бојлер во една од бараките, се појавија и нови сведоштва за протекување вода од таваните, поплавени соби и радијатори што наместо да греат создаваат силна бучава.
Од студентската иницијатива „Студентски отпор“ алармираат дека и покрај почетокот на грејната сезона, студентите сè уште се соочуваат со студени соби и проблеми со парното. Според нивните информации, на ѕидовите во дел од собите има влага и мувла, а во одредени санитарни простории вода протекува од плафоните. Студентите се жалат и на недостиг од топла вода.
View this post on Instagram
Дополнителна загриженост предизвика пожарот во една од бараките, каде што се запалил бојлер. Нема пријавени повредени лица.
Во меѓувреме, од платформата „Студентарија“ објавија нови снимки и сведоштва за проблемите во домот, меѓу кои вода што продира од таваните, поплавена соба и радијатори што создаваат силна бучава.
Проблемите со условите во „Стив Наумов“ беа актуелни и претходните денови. На 22 октомври студентите пријавија протекување вода во собите и недостиг од греење, а од раководството на Државниот студентски дом тогаш информираа дека објектот е под гарантен рок од 18 месеци и дека дефектите треба да ги санира изведувачот.
Од Министерството за образование и наука претходно оценија дека условите во реконструираниот дом се одлични, а проблемите ги опишаа како изолирани ситуации што се санираат во рамки на гаранцијата. Министерството посочи и дека дел од проблемите биле предизвикани од неодговорно користење на просториите од страна на студентите.