Порно ѕвездата Сторми Даниелс даде изјава пред обвинители во врска со напорите на поранешниот претседател Доналд Трамп да ја принуди да молчи со тоа што ѝ плаќал пари преку адвокатот Мајкл Коен.
„Даниелс се сретна со обвинителите на Менхетен, одговори на нивните прашања и е подготвена да сведочи на суд“, објави нејзиниот адвокат Кларк Брустер на Твитер.
Таа му се заблагодари на својот адвокат, затоа што ѝ помогнал во нејзината „постојана борба за вистина и правда“.
Окружното обвинителство на Менхетен одби да ги коментира овие информации.
Адвокатот ја соопшти оваа вест истиот ден кога и Коен, поранешниот адвокат на Трамп, во врска со истиот случај дал изјава пред судската порота во Њујорк.
Коен на свеодчењето изјавил дека сума од 130.000 долари ѝ била платена на Даниелс во 2016 година, за време на последните недели од првата претседателска кампања на Трамп.
Во тоа време, таа преговарала да се појави на телевизија за да ги изнесе своите тврдења за сексуалната врска што ја имала со Трамп една деценија претходно.
Плаќањата оделе преку Коен, кој на сличен начин исплаќал и друга жена по инструкции на Трамп, сведочеше неговиот поранешен адвокат.
Даниелс изјави дека во 2006 година имала сексуална врска со Трамп која не ја сакала, но на која не се противела, а Трамп тврди дека тоа никогаш не се случило.