Мајката на Боки 13 најавува кривични: Целосно ќе му го отстранат желудникот и ќе настапи траен инвалидитет

by fokus

Сум била воздржана, но повеќе самата актуелна состојба со животот и здравјето на Бојан тоа не ми го дозволуваат, бидејќи врз него ќе биде извршена операција тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник, со што ќе настапи траен инвалидитет на мојот син Бојан, се вели во писмото испратено од семејството Јовановски до јавноста.

-Од тие причини со целиот мој морален и професионален дигнитет и се обраќам на јавноста преку ова јавно соопштение и немам за цел да предизвикам чувство на сожалување, туку единствено да порачам дека од овој момент преку сите законски инструменти предвидени со домашното и меѓународното законодавство ќе се борам заедно со мојот сопруг преку нашите правни полномошници против злото и неправдата која му е сторена на Бојан и на тој начин директно му е загрозен неговиот живот, се додава во писмото.

Семејството Јовановски најавуваат и кривична одговорност.

-Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон било чие дете, затоа упатувам апел до јавноста, за човечноност и разумност во овие чувствителни моменти од причини што Бојан е мета на најголемиот јавен говор на омраза сите овие години, а никој не понел одговорност за таквиот отворен и директен говор на омраза, каде со најпогрдни зборови, навреди и пцовки се опишувало името на Бојан, а за волја на вистината ниту еднаш досега ниедна организација за борба на човековите права не изнела јасен став, не ги осудиле ваквите појави и не застанале во одбрана на правата на Бојан, ниту барем декларативно, а Бојан е флагрантен пример за повреда на човековите права!

Поради сето погоренаведено, поради организирано и здружено делување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас, како подносители, родителите на Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски пред надлежното јавно обвинителство. Пред надлежен јавен обвинител ќе бидат образложени сите наводи и кривичните пријави ќе бидат поткрепени со цврсти докази, порачува семејството на Јовановски.

Досега, во низа наврати се алармираше за влошената здравствена состојба на Јовановски-Боки 13.

Поврзани новости