Четврта недела по ред поранешните вработени од Охис излегоа на мирен протест пред Владата со надеж дека нивните барања ќе бидат сослушани од премиерот Никола Груевски или некои од министрите. Тие бараат исплата на 24 плати од државниот загубар.
– Секој вторник сме тука и му даваме време од една недела да најде 5-10 минути за нас, гледаме преку медиумите дека насекаде е ангажиран, само за нас нема време – тврдат поранешните вработени во Охис.
Присутните пред Влада најдоа забелешки во патувањата на премиерот низ Македонија, а велат нема време за нивните проблеми.
– Тој се прави народен човек а од нас бега веќе подолго време… Тој наоѓа време да оди по сите села а ние овде дома му дојдовме…јас не знам од што се плаши, ние сме луѓе – вели еден од поранешните работници во Охис.