Изгласана анкетна комисија

by Фокус

Собранието денеска ја изгласа одлуката за формирање Анкетна комисија за прислушкувањето.

Анкетната комисија брои 16 членови, осум предложени од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ, еден од ДПА и еден од редовите на независните пратеници. Претседател е Петре Шилегов, а негов заменик Горан Мисовски.

Откако претседателот на Комисијата за избори и именувања Зоран Илиоски ја образложи одлуката, следеше кратка расправа во која, за разлика од своите колеги, пратеникот Павле Трајанов изрази сомневање дека Комисијата, како што рече, може да одговори на задачата.

Според Трајанов, пред Анкетната комисија стои сериозен предизвик. Таа ќе мора да одговори на клучните прашања, кој во Македонија дал налог да се користат системите за прислушување, кој се бил вклучен во овој процес и кој и за што ги користел собраните информации, а не постои законска обврска државните институции, носителите на важни функции, сведоците, експертите, граѓаните да даваат информации. Тоа, смета Трајанов, ќе биде суштински проблем.

– Комисијата многу тешко ќе собира докази и податоци врз основа на кои треба да се дојде до вистината. Не сум сигурен дека има механизам за такво нешто, нагласи Трајанов и предложи Комисијата да работи јавно, транспарентно, за граѓаните да дојдат до точни информации и сопствен заклучок во врска со прислушкувањето.

Поврзани новости