Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска најави нови проекти, меѓу кои и амфитеатар, неколку проекти за млади, како и целосна реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, кој Владата сакаше да го продаде, ама се премисли.
Груевски најави дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе гради нов амфитеатар на локалитетот Скупи, кој ќе биде со 9.000 места. Што се однесува за Офицерскиот дом, тој ќе биде целосно реконструиран и потоа оставен на раководење на општината.
-Би сакал да истакнам и да е совршено јасно дека никогаш не би преземале ниту еден чекор со кој би наштетиле на граѓаните. Нивните потреби ни се најважни и затоа младите во Битола ќе добијат репрезентативно и целосно реконструирана зграда на офицерскиот дом. Го слушаме гласот и волјата на битолчани, рече Груевски.
За младите, Груевски најави загарантирано вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, секоја година, комплетно реновирање на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, обезбедување стипендии на средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада и изградба на нови пет скејт паркови.