Пратеници од првиот парламентарен состав, главно од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, велат четвртина век откако ги договорија уставните рамки, парламентаризмот и плурализмот во Македонија сега се сведоци на авторитарна држава, отпадена од граѓаните и од меѓународната заедница.
„Имаме на дело реставрација на режимот, на партија-држава, што, од гледна точка на Уставот, претставува државен удар. Имаме власт на „подели па владеј“ по сите основи, во дослух повеќе со некогашната волја на Милошевиќ и Мицотакис, отколку со заедничкото добро на граѓаните. Имаме власт фатена на дело како се дави во криминал, вклучително и во изборен криминал. Власт која самата си го оспори легитимитетот и си го укина мандатот. Граѓанските демонстрации и меѓународната заедница тој факт го потврдија“, стои во прогласот на поранешните пратеници.
Тие сметаат дека предвремените парламентарни избори се наложија како средство да се деблокира државата и да се воспостави уставното уредување, владеење на правото, да се вратат изворните функции на институциите и нивната независност.
„Таа цел на изборите претпоставува императив да се тргнат од политичката сцена актерите на блокадата на државата, кои Специјалното јавно обвинителство ги обвинува како злосторничко здружение. Бегајќи од огромната политичка и правна одговорност, тие, правнички кажано, го повторуваат делото. Го присилуваат правосудството, Собранието, Претседателот на државата, граѓаните и медиумите да застанат на страната на злосторничкото здружение. Да бидат дел од него. Да ја продолжат блокадата на државата и на општеството“, посочуваат тие.
Меѓу пратениците што стојат зад ова се Никола Апостолоски, Јордан Бошков, Драги Гроздановски, Ратка Димитрова, Димитар Димитровски, Горан Зафировски, Цветан Јовчевски, Ташко К.Костенов, Биљана Лазаревска, Ѓулистана Марковска, Славе Наумовски, Благоја Чкатровски.