Пораки од протестот за Бошкоски: Директоре, ви даваме последна шанса

by Фокус

На протестот за повик да се ослободи Љубе Бошкоски од затвор зборуваа неколкумина. Сите недвосмислено го повикаа директорот на Идризово, Живко Пејковски, да потпише решение за ослободување ако не сака да се соочи со кривична одговорност.

-Затоа, директоре на затворот, ти даваме уште една шанса од неколку дена, како што реков, работите нема да завршат добро. Љубе има семејство кое го чека, и ти имаш семејство. Како можеш да ги гушкаш твоите деца или твојата сопруга, знаејќи притоа дека спротивно на затворските правила, спротивно на затворската практика, држиш човек во затвор, човек бранител кој што во 2001 година беше министер за внатрешни работи, човек кој што стоеше на чело на македонската полиција, на чело на македонската одбрана, рече  Стојанче Ангелов од „Достоинство“.

Еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ, Гојко Јаковлевски призна дека се срами од власта и нејзиниот однос кон Бошкоски.

-Се срамам како основач на партијата ВМРО-ДПМНЕ, да таа партија стави еден човек кој целиот живот го посвети на Македонија во затвори и да го држи во зандани. Тоа е најголемата срамота, по киднапирањето на Драган Богдановски. По Драган Богдановски, ова е најголем срам за Македонија и за партијата, јас се срамам што ја основав таа партија со братот Драган, рече Јаковлески.

Пред насобраните зборуваше и Ване Цветанов, ексдиректорот на Управата против перење пари и осуден во „Шпион“, предмет преземен од Специјалното обивнителство.

-Инсистираме Живко Пејковски под итно да го пушти Љубе Бошкоски, да исправиме малку од големата штета и големата неправда, затоа што тој е жртва на еден политички монтиран процес. Во Македонија, се доделени десет илјади притвори за овие десет години, 10 илјади лица од кои што седум илјади лица се невини, жртви на креирани постапки, без докази осудувани, а други 10-15 илјади лица се кријат по институциите, позади системот, вистинските криминалци се надовр, а невините се во затвори и притвори, доста е, рече Цветанов.

Поврзани новости