Поради Зоран Ванев, Ѓорѓе од Лесковац ,,падна” во ,,Потера”!

by fokus

Фолк пејачот Зоран Ванев, кој беше еден од најактуелните музичари кон крајот на деведесеттите и почетокот на 2000 година, и чии хитови на српски јазик се уште се слушаат во соседна Србија, се најде во познатото натпреварување ,,Потера” кое е доста популарно и гледано кај нашите соседи.

Имено, натпреварувачот во емисијата, Ѓорѓе Јаниќ од Лесковац, откако во првиот круг освои 40.000 динари, за да продолжи понатаму доби интересно прашање.

-Кој бугарин во 1994 година освои ,,Златна топка”, престижна награда која ја доделува магазинот ,,Франс фудбал”? – гласеше прашањето, а понудените одговори беа Зоран Ванев, Дарко Панчев и Христо Стоичков.

Откако Ѓорѓе го избра како одговор на прашањето – Зоран Ванев, наместо точниот одговор – Христо Стоичков, кој е најпознатиот фудбалер во историјата на Бугарија и Златна копачка на Европа 1989, во студиото завладеа интересна атмосфера.
Дури и водителот му рече дека не им верува на своите очи, поради избраниот одговор.

-Секако дека знам кој е Зоран Ванев, мислев дека тој порано беше фудбалер, се правдаше Ѓорѓе.

Снимката од случката стана хит во Србија и се споделува на социјалните мрежи, со оглед на тоа што Ванев остана препознатлив лик на тамошната естрада, а неговите хитови ,,Јужна пруга” и ,,Лила, Лила” и многу други, постојано се пуштаат на радио и ТВ станиците.

Инаку, штипјанецот Зоран Ванев беше редовен на настапи кај нас, но и во соседна Србија се до 2011 година. Потоа со семејството се пресели во Швајцарија, а пред неколку години во интервју за ,,Фокус” раскажа дека работи како доктор за природна медицина, и отворил клиника во Цирих.

-Мојата ординација се наоѓа на самата железничка станица во Шлирен – Цирих, Швајцарија. Дипломирав на Парацелсус Академијата за Алтернативна медицина во Цирих, и сум првиот Македонец во Швајцарија кој ја има титулата Доктор за природна медицина, која е призната во целиот свет, како и во сите установи на државно ниво во Швајцарија.
Студирав на академијата полни 4 години, и тоа од понеделник до недела. Не случајно ме снема од сцената, затоа што отсекогаш ме привлекувала медицината која е поврзана со природата. Имам пациенти од целиот свет – ни раскажа пред четири години Ванев.

Музичарот и доктор, кој во земјава останува запаметен по хитот ,,Ангела” исто така ни изјави дека медицината му е приоритет, но сепак и музиката останува дел од неговиот живот. Пред почетокот на пандемијата имаше голема турнеја во Австралија, а помеѓу посетителите имало луѓе од речиси сите поранешни Ју републики.

Вики Клинчарова

Поврзани новости