Укинување на пресудата бара одбраната на Боки 13: Јанева не се појави во Апелација

by Fokus

На што се заснова оваа пресуда – на докази или индиции, дали имаме фер постапка и дали може ваква пресуда да се заснова само на исказ на двајца сведоци Орце и Ана Камчева. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, наведе адвокатот Сашко Дуковски, образложувајќи ја жалбата на Бојан Јовановски пред Апелациониот суд.

Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде укината или случајот да биде вратен на повторно судење.

– Ако ја погледнете пресудата, ќе видите дека не може за сите сведоци да се зема само делот што одговара на обвинителството, а за се останато се вели дека е кажано за да му помогне на обвинетиот, рече Дуковски.

Во однос на сведокот Орце Камчев, Дуковски рече дека е незамисливо човек што дал милион евра да нема статус на оштено лице.

– На кој доказ се заснова оваа пресуда. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, рече Дуковски, нагласувајќи дека иако барале како одбрана, не им било дозволено вештачење на тој мобилен.

Каде е еднаквоста на оружјата, рече тој, кога три пати предложуваме телефонот и сите уреди да бидат вештачени и три пати бевме одбивани.

– Минимум триесет пати се потенцира во пресудата дека Бојан Јовановски е со блокирана сметка и без работа кога се зборува за делото перење пари, а потоа за влијание врз Катица Јанева, се вели дека има претпоставено влијание, рече Дуковски.

Тој посочи дека Орце Камчев е сопственик на Стопанска банка Битола, која е регистрирана за менувачка работа, и чудно е зошто Обвинителството го прифаќа исказот на Орце Камчев дека ги заменил еден милион евра во менувачницата Бела, без да приложи потврда за извршената размена.

– Полицијата сама без налог, сама си врши идентификација на одземената брендирана облека и очила. Што добивате вие како судови тоа што се одземени 50 пара фармерки со цитирање на модни дизајнери, ништо. Сметам дека не може така да се постапува, рече Дуковски.

Целото ова незаконито водење на постапка и продолжувње на притворот, нагласи Дуковски, предизвика сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.

Бојан Јовановски од Основниот кривичен суд е осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“, дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Катица Јанева, поради здравствени причини не присуствува на седницата и жалбата ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска.

Поврзани новости