Поради земјотресот превентивно затворени училиштата на Китира и во една општина на Крит

by Fokus

Превентивно и од безбедносни причини денеска се затворени училиштата и градинките на Китира и во општина Кисамос во северозападниот дел на Крит, поради земјотресот од 6.1 степен што утрово беше регистриран во морскиот дел меѓу двата острови, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми од Крит, земјотресот предизвикал мала материјална штета на стари објекти на островот, односно во општините каде најсилно беше почувствуван.

Претседателот на Геодинамичиот институт при Националната опсерваторија во Атина и професор по сеизмологија Акис Целендис за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека денешниот земјотрес во Грција нема никаква врска и никаква поврзаност со вчерашниот земјотрес во Албанија.

Професорот по геологија и претседател на грчката Организација за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимис Лекас за АНА-МПА вели дека земјотресот бил со длабочина од 70 километри, бил почувствуван во цела јужна Грција и според неговите процени нема да постојат дополнителни помали земјотреси.

Епицентарот на земјотресот што се случи во 9.23 ќасот утрово беше во морскиот дел меѓу островите Китира и Крит, 258 километри јужно од Атина, но и покрај големата оддалеченост, беше почувствуван и во грчката престолнина.

Поврзани новости