Мајката на Пино сведочеше пред Суд: Обвинетата Ангела ме гледа крвнички и дрско

by fokus

Мајката на убиениот Пино Секондо, Маја Трпковска во судница со часови раскажуваше за нејзиното убиено дете, како дознала дека исчезнал и низ се што поминала откако исчезнал Пино. Додека сведочеше, обвинетата Ангела Ѓорѓиевска не го тргна погледот од нејзе и во еден момент за ова реагираше и судечкиот совет.

– Ме гледа крвнички, рече Трпковска, а судот нотираше дека обвинетата ја гледа мајката на Пино „дрско“.

-Не смеам да гледам, искоментира обвинетата.

Мајката на Пино се појави во суд како прв сведок на обвинителството.

Дента, во месец декември минатата година,  кога Пино не се вратил дома, мајката не била во Македонија, со нејзиниот помлад син дошла дома, во Македонија следниот ден. Наместо на работа, нејзиниот сопруг ја пречекал дома и и кажал дека Пино излегол со некоја девојка и не се вратил.

Тој почнал да му ѕвони на својот син на неговите два мобилни телефони, но по одредено време двата телефони снемале сигнал истовремено. Почнале да ѕвонат кај неговите другари кои им кажале дека претходниот ден Пино бил излезен со Ангела. „Беше излезен со ќората од Ѓорче“, им кажале неговите другари. По неколку часа мајката отишла во полициската станица во Петровец за да пријави дека Пино не се вратил дома. Додека била во станицата се слушнале по телефон со Ангела, која и кажала дека е точно дека биле заедно претходната вечер, но тврдела дека дошол кај неа пред зграда во Ѓорче само петнаесетина минути и си заминал.

Мајката не и поверувала и тврди дека Ангела и била сомнителна уште тогаш, бидејќи познавајќи го нејзиниот син, тој не би возел 40 минути од Петровец до Ѓорче само да испуши една цигара. Тогаш почнала нејзината голгота со истражните органи која траеше повеќе од пет месеци, додека во април на ридот на селото Љуботен не беа најдени коски за кои се потврди дека се на Пино.

-Дента кога разбрав дека коските се на Пино, пред мојата куќа имаше преполно полиција, но кога ја видов колата од италијанската амбасада, се ми беше јасно, раскажуваше мајката плачејќи.

Пино заедно со неговиот татко  работеле на изградба на патот Крива Паланка – Бугарија.

-Имаше девојки во Македонија, вистинските девојки ги носеше дома, да се запознаеме со нив, со нивните родители. Кога ќе раскинеше со некоја девојка, тој остануваше да другарува со вистинските поранешни девојки. Имаше девојки со кои ќе излезе еднаш, ќе води еднаш љубов. Си имаше работа со ороспиички, девојки кои излегуваа со него заради пари, да се покажат низ Скопје со големи коли, рече Трпковска која за Ангела тврди дека била со Пино за пари.

Таа раскажуваше како се чувстува без нејзниот син.

-Не само денеска, веќе една година, се чувствувам болно, тешко ми е да влезам во собата на моето дете. Не ми е земено од Господ, со болест или сообраќајка. Мене детето ми е убиено. Пино е роден 22 октомври 1992. Пино беше многу мирно дете, не беше проблематичен, многу сакаше да црта. Живеевме низ Европа, мојот сопруг е инженер, живеевме во Италија, потоа во Романија  неполни осум години. Пино учеше на романски јазик, знаеше македонски, англиски, италијански јазик.

Пино живееше во богато семејство, многу сакаше да учи англиски, па летно време го праќавме на колеџ во САД. Сакаше автомобили, сам правеше, модифицираше автомобили. За него најубавото место беше Македонија, не сакаше да се врати во Италија. Сакаше да отвори кафич, а до кафичот, механичарска работилница. Тоа беше неговиот сон, рече Трпковска.

Ангела е единствената која е обвинета во овој случај, додека првоосомничениот, Али Фуркан е во бегство.

Според обвинението, Ангела Ѓорѓиевска на 11 декември 2018 година, го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило Опел Аскона, носејќи со себе пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште.

Тројцата, се тврди во обвинението, се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости