Поради загадениот воздух затворени училишта во Иран

by fokus

Иранските власти наредија денеска да бидат затворени училиштата во Техеран и неколку градови во земјата поради загадувањето на воздухот што достигна ново опасно ниво.

Во Техеран, густ сив чад го обвиткува градот неколку дена и целосно ги сокри планините Алборз над иранската престолнина. Вчера, облак од загадување беше видлив на повеќе од 20 километри северно од градот.

Гувернерот на провинцијата Техеран, Мохамед Тагхизаде донесе одлука за затворање на училиштата во главниот град бидејќи загадувањето на воздухот достигна штетно ниво за ранливите луѓе, јави иранската новинска агенција Ирна.

– Сите училишта во покраината се затворени денеска, освен во два кантона и можат да останат затворени и утре, рече гувернерот.

Според мерењата на градската власт, концетрацијата на ситни честички (PM2.5) достигна 145 микрограми на метар кубен во просек во последните 24 часа, надминувајќи 165 микрограми во некои делови од Техеран.

Светската здравствена организација препорачува стапка помала од 25 микрограми на метар кубен просечно во 24 часа.

Поврзани новости