Поради тендерот за сопругот на Царовска, Градот и СДСМ го обвинија ВМРО дека ја труе јавноста

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ креира наводни скандали и ја труе јавноста со измислици и контрукции – вака Градот Скопје и владејачката СДСМ реагираа кон прес-конференцијата на портпаролот на опозициската партија Наум Стоилковски, кој, врз основа на податоци од Бирото за јавни набавки, објави дека Градот раководен од градоначалникот Петре Шилегов пред две недели склучил договор за снимање со дрон вреден милион денари со фирмата „Флај Кем“, која е во сопственост на сопругот на министерката за образование Мила Царовска.

„Кога во неполни 3.5 години, од кои една е во услови на светска пандемија, Градот и градоначалникот успеаа во рекордно време да завршат четири нови булевари, реконструираат цел клинички центар и да ја изградат монтажната болница, кога се завршува мостот на Вардар во Аеродром, кога секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, подигаат илјадници квадратни метри нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, се подигнуваат нови дрвореди, се уредуваат зелени покриви, кога светските организации за мерење на загадувањето на воздухот бележат континуиран пад на загаденоста во Скопје, кога низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, се пробива и расчистува кејот на Вардар и кога после 30 години управување со Град Скопје, градоначалникот Шилегов успеа за само три години да го доведе градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави освен да измислува скандали и да пласира лажни вести“, стои во реакцијата на Град Скопје.

На сличен начин реагираа и од СДСМ, од каде, исто така, не се осврнаа на конкретниот тендер што фирмата на сопругот на Царовска го добила од Град Скопје, туку генерално го пофалија градоначалникот Шилегов за сработеното.

„Кога во неполни 3.5 години, од кои една е во услови на светска пандемија, Градот и градоначалникот успеаја во рекордно време да завршат четири нови булевари, реконструираат цел клинички центар и да ја изградат монтажната болница, кога се завршува мостот на Вардар во Аеродром, кога секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, подигаат илјадници м2 нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, десетици нови дрвореди, се подигаат зелени кровови, кога светските организации за мерење на загадувањето на воздухот бележат континуиран пад на загаденоста во Скопје, кога низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, се пробива и расчистува кејот на Вардар и кога после 30 години управување со Град Скопје, СДСМ успеа за само три години да го доведе градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави сем да измислува скандали и да пласира лажни вести“, стои во партиската реакција на социјалдемократите.

Претходно, Стоилковски посочи дека предмет на договорот за сопругот на Царовска е услуга за изнајмување на опрема за висинско набљудување на шумски површини во скопската котлина за рана детекција на растителни болести.

-Во моменти кога Македонија тоне во здравствена и во економска криза, а се повеќе деца се заболени и имаат последици од короната, во време кога училиште во Скопје се затвори пред налетот на епидемијата, прашање е која е вистинската причина сега, во изборна година Петре Шилегов да спроведува ваков проект? Потребен ли е ваков проект за Мила Царовска да го обезбеди бизнисот на својот сопруг за цела година со еден милион денари? – праша тој.

Поврзани новости