Фитосанитарната инспекција на Република Српска во БиХ забрани увоз на пратка свежо грозје со потекло од Северна Македонија, во износ од 20.730 килограми, поради зголемената содржина на пестициди, јави дописникот на МИА од Белград.
-При редовниот преглед на пратка храна од растително потекло при увоз, надлежниот инспектор извршил земање мостри за лабораториска анализа со цел да испита остатоци од пестициди, соопшти Инспекторатот на Р.Српска, пренесува РТРС.
Врз основа на извештајот за лабораториска анализа издаден од „Институтот за вода“ во Бјелина, во кој е испитано присуството на 180 активни супстанции, во анализираниот примерок открино е зголемено присуство на пестициди „фосмет“ над вредностите пропишани со Уредбата за максимално ниво на остатоци од пестициди во и на храна и храна за животинско и растително потекло.
Постапувајќи по резултатите од анализата, инспекторот донесе решение со кое се забранува увоз и нареди враќање на спорната пратка на испраќачот или уништување под надзор на надлежен инспектор.
Од Инспекторатот потсетија дека овој месец поради зголеменото присуство на пестициди беше забранет увозот на 6.842 килограма трпезно грозје од Албанија и 660 килограми свежа краставица од Северна Македонија, додека увозот на 24 тони компири со потекло од Полска беше забранет поради утврдено присуство на економски штетен организам.