Ако си се заљубил во друга, ќе ти помине, го тешев, откри сопругата на Тома Здравковиќ

by fokus

Над 100.000 луѓе за една недела го гледале биографскиот филм ,,Тома” во режија на Драган Бјелогрлиќ во кино салите во Србија, кој е посветен на легендарниот пејач Тома Здравковиќ, на големиот боем и уметник од поранешна Југославија кој зад себе остави ризница од евергини.

По повод прикажувањето на филмот, од Канада во Србија допатувала и Гордана Здравковиќ, четвртата сопруга на Тома, со која тој бил во брак до крајот на својот живот, а го добиле синот Саша. Таа не беше присутна на премиерата на филмот за кој зборува цел Балкан, бидејќи и било потребно време да ги обезбеди потребните документи за патување, но во емисијата Уранак на српската К1 телевизија раскажа за животот со музичарот.

-Имав 25 години кога се запознав со Тома во Канада, а тој веќе беше болен, 12 години постар од мене, со три брака зад себе. Беше оформена личност и никогаш не се ни обидов да го променам, ниту пак да очекувам нешто од него. Морав само да се вклопам во неговиот живот. Тој не зборуваше многу, ми беше потребно време за да сфатам каква личност е. Лесно се заљубуваше, се случуваше додека седиме на маса во кафеана да им прати пијалок на други жени, бидејќи му се допаднале. Не ми сметаше тоа, го прифатив и му бев мирно пристаниште во животот-раскажува Гордана. Се присети дека се случувало Тома да не се врати дома и по три дена, а таа ништо не го прашувала. Никогаш не го прашала за што потрошил пари, каде бил и со кого.

-Ми рече еднаш, како тоа три дена ме нема, а ти молчиш. Ќе ме прашаш ли веќе еднаш каде сум бил? Му одговорив со прашање – Ти беше ли убаво? Тој рече – Да. Ете, тоа е најважно, тебе да ти било убаво, му кажав. Така функциониравме ние. Кога ќе забележев дека е тажен, знаев дека најверојатно се заљубил во друга жена. Му велев, ако си се вљубил, ќе ти помине. Така и беше – раскажа Здравковиќ.

Појасни дека во времето кога му се влошила болеста, заедно барале делотворни терапии во болниците во Канада, а Тома најмногу бил вознемирен поради тоа што знаел дека ќе почине пред неговата мајка, па дури и не сакал да и каже за болеста.

-Пет години ми требаа да научам каков човек е. Беше импулсивен, кога сакаше нешто, мораше тоа да го добие. Материјалното никогаш не му беше важно, таа материјална страна не постоеше за него – изјави Гордана, и порача дека била искрено трогната кога го изгледала филмот.

Посебно ја воодушевил актерот Милан Мариќ, кој ја игра главната улога. Тома Здравковиќ почина од рак на простата во 1991 година, на 52 години. Освен по меланхоличните хитови кои и денес се пеат, беше познат и како голем боем со бурен приватен живот.

Со првата сопруга Олгица ја добил ќерката Жаклина, со втората сопруга Милица исто така добил ќерка, а неговата трета сопруга со која немале деца, се викала Нада. Со четвртата сопруга, Гордана, покрај која останал до крајот животот го добиле синот Саша.

Фото – Марина Лопичиќ

Вики Клинчарова

Поврзани новости