Кружниот тек кој преку улицата „Христо Татарчев“ и булеварот „Србија“ треба да ги поврзе Кисела Вода и Аеродром осум месеци по предвидениот рок не е ни близу до завршен поради нерешени имотно-правни работи кои градската власт ги наследила од претходната владејачка гарнитура.
Поради недоправениот кружен тек, голем дел од возачите не ги почитуваат ниту правилата на возење, па наместо решение за побрз проток на возила настанува вистински сообраќаен хаос. Бидејќи е недовршен, автобусите со број 24, 13 и 58 застануваат на самиот кружен тек, што дополнително го усложнува возењето.
Сепак, најголем проблем е за граѓаните кои живеат во овој дел или пак чекаат автобус на кружниот тек, бидејќи ја вдишуваат прашината од земјениот пат кога не врне, а кога има дожд пак, немаат друга опција освен да газат во кал.
Граѓаните кои живеат во тој дел секојдневно ја вдишуваат прашината која се прави во периодите кога нема дожд бидејќи голем дел од улицата не е асфалтиран, а кога врне пак, газат во кал. Тие за Фокус велат дека веќе станува невозможно да се живее во прашината, бидејќи истиот проблем се провлекува 2 ипол години.
Од Град Скопје за Фокус велат дека ќе се стави асфалтна подлога во интерес на граѓаните, но кружниот тек ќе се финализира тогаш кога ќе се решат имотно-правните работи.
„Во интерес на граѓаните, делумно за да се намали проблемот со прашините, особено во сушниот период, Град Скопје на дел од трасата ќе постави времена асфалтна подлога. Конечната подлога и финалното асфалтирање ќе се реализира отткако ќе се решат имотно-правните проблеми“, велат од Град Скопје.
Пред речиси една година, жителите на улиците „Христо Татарчев 1“ и „Христо Татарчев 11“ со жив штит ги бранеа улиците, откако според Деталниот урбанистички план беше предвидено да им се затворат улиците со ѕид, но по протестите, од Град Скопје одлучија истите да бидат приклучени на кружниот тек.
Александар Тодески