Поповски, за кој Фетаи рече дека ќе го гони и на смртна постела, повторно ескивираше од судско рочиште

by fokus

Првообвинетиот во предметот на „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство, повторно не се појави на рочиште денеска во Кривичниот суд. Одбраната повторно наведе дека поранешниот помошник-министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, има отворено боледување и дека поради здравствени причини бил спречен да дојде на судењето.

Одбраната составена од тројца адвокати, достави медицинска документација до судот и рече дека Поповски бил неподвижен и во постела. Специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, побара да се испитаат тврдењата за способноста на Поповски од страна на независно вешто лице кое би извршило увид во медицинската документација.

„Не може со години да се чека да почне расправата и судењето да зависи од желбите на обвинетите“, рече Фетаи.

На претходното рочиште во средата, кое беше одложено од истите причини, Фетаи рече дека не им верува на адвокатите на одбраната. Таа и тогаш побара независен експерт кој ќе ги испита тврдењата.

„Ако некој стори кривично дело јас ќе го гонам, па дури и да е на смртна постела“, рече Фетаи.

Следното рочиште е закажано за 27-ми ноември. Поповски е, инаку, обвинет за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила во Министерството за внатрешни работи.

 

Поврзани новости