Попова Шапка ќе добие жичара од 9,4 милиони евра, договорена во четири очи

by fokus

Договорот денеска беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, иако бил склучен во март. Она што прво паѓа во очи е тоа што милионскиот договор бил склучен во четири очи, иако ЕЛЕМ првично не бил задоволен од понудата на италијанската фирма, бидејќи барале многу повеќе пари од предвиденото.

Овој заклучок се добива од објаснувањето на државната компанија зошто морала договорот да го склучи без претходно објавување на оглас, односно во четири очи. Најпрво објаснуваат дека кога го распишале огласот минатата година, со кој се инсистирало на „клуч на рака“, пристигнале две понуди. Како што објаснуваат од ЕЛЕМ, едната понуда била неприфатлива бидејќи компанијата не ги исполнувала критериумите за лична способност, додека понудата на втората заинтересирана компанија била прифатлива, но несоодветна, бидејќи била прескапа.

„Со тоа не е исполнет условот за спроведување на е- аукција и постапката целосно се поништи. Поради тоа, се спроведе нова постапка, со преговарање без објавување на оглас, согласно член 99 став 1 алинеја 4 од Законот за јавни набавки, во која се покани учесникот кој во претходно спроведената постапка имаше прифатлива но несоодветна понуда „Leitner““, се наведува во образложението.

Останува нејасно дали италијанската компанија во преговарањето ја намалило „солената“ вредност која на почетокот ја барале, или, пак, останале на првичниот став?

Изградбата на новата жичара е дел од пообемниот проект на ЕЛЕМ за инвестирање на 30 милиони евра во обнова на ски -центарот Попова Шапка.

 

Поврзани новости