Државни институции купувале исти производи по цени поскапи дури за шест пати

by fokus 12:16
12:16

Една училишна клупа, одредени образовни институции, ја купиле за 1.729 денари, додека, пак, други платиле 6.103 денари, што е за 253% поскапо. Најевтината клупа ја купиле од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а најскапата ја набавил Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Ова го покажало мониторингот на јавните набавки, кој редовно го врши Центарот за граѓански комуникации. Па, така оттаму утврдиле дека во македонскиот образовен систем не постојат јасни стандарди за набавка на училишните клупи.

- Advertising -

Со голема разлика во цената биле набавувани и гуми за патнички возила. Па така, најскапата зимска гума, по цена од 5.546 денари ја набавиле од Универзитетот „Гоце Делчев“, а на најевтино поминал Здравствениот дом во Куманово, од каде што за една гума платиле 2.309 денари.

„Анализата покажува дека е-аукцијата, како механизам за намалување на цените на понудувачите, не била спроведена токму во тендерите каде што цената на гумите е највисока“, се наведува во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

По различни цени институциите ја набавувале и ризлата потребна за одржување на патиштата. Најскапо ризлата ја купило Јавното комунално претпријатие „Илинден“, за 1.121 денар, а најекономично поминало ЈП „Македонија пат“, кое платило 649 денари.

Стручниот надзор над градежните работи, пак, исто така се обезбедувал по несразмерни цени. Ваквата услуга од ЈЗУ Здравствен дом Радовиш била платена за шест пати поскапо од онаа на Министерството за правда.

„Големите разлики во цените констатирани во индексот на рационалност изработен во оваа група производи и услуги ја потврдуваат констатацијата дека чинот на формално спроведување на тендерите во согласност со Законот за јавни набавки, самиот по себе, не е гаранција за рационално трошење на јавните пари, заклучуваат од Центарот за граѓански комуникации.

 

Поврзани новости