Верувам дека мора да овозможиме сите членови во ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за избор на раководството, не зашто мене така ми текнало, туку зошто е така низ Западна Европа и Америка, вели поранешниот министер за надворешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски во интервју за најновиот број на неделникот Фокус.
-Нашите сестрински партии во Германија, ЦДУ или во Франција, републиканците сега одлучуваа кој и како да ги води на избори каде што секој член има глас. Имаа по повеќе реални кандидати. Се претставуваа амбициозно, но културно. Имаа дебати. Без местенки и глупости. Членовите си гласаа. Потоа се ракуваа и одат заедно да се натпреваруваат на избори со противничките партии. Во Америка е исто така – вели Попоски.
Иако овој модел носи и свои ризици, сепак, тој додава дека на ист начин се избира раководство и на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ во регионот.
-ХДЗ во Хрватска или Неа демократија во Грција се исто сестрински партии од регионов, со сличен менталитет кај народот. Двете одат на демократски избори со можност секој член да гласа и тоа функционира. Хрватска е демократска од пред три децении, а кога се родени повеќето луѓе од нашата генерација, Грција била тешка диктатура, која ја воделе полковници – вели Попоски.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше: Влатко Стојановски