Многу сериозен напредок е направен во изминатиот период во односите меѓу Македонија и Грција, а соработката и комуникацијата со јужниот сосед се подобрува благодарение на низата преземени мерки, смета носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
– Токму затоа и седнавме и направивме цела една лепеза од мерки кои ги применуваме и верувале или не ние дојдовме во фаза во која нашите оператори потпишуваат договор за гасно поврзување помеѓу Македонија и Грција, нешто што 15 години во минатото беше блокирано од политички причини. Дојдовме до таму и да можат група историчари од Македонија со група историчари од Грција да седнат и да дискутираат врз основа на аргументи. Дојдовме до фаза во која се согласивме дека ние од наша страна треба да помогнеме поголем број на наши студенти кои се заинтересирани да имаат студентски престој во Грција и обратно до Грција да дојдат во Македонија – рече Попоски.