Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски убедува дека се исполнети сите услови за фер политички натпревар на 11 декември и дека нема простор за оспорување на резултатите.
-Сите мерки кои се презедоа во изминатите месеци за подготовка на изборниот процес, го сведуваат на минимум просторот за какви било изговори во однос на резултатите- порача Попоски на министерскиот состанок на земјите членки на ОБСЕ.
Тука меѓудругото се разговараше и за војната во Сирија, заканите од меѓународен тероризам, повратниците од Исламската држава, и бегалската криза.
Говорејќи за мигрантската криза, Попоски истакна дека преземањето на претседателството со ОБСЕ од страна на Австрија е значајно за Македонија поради фокусот врз менаџирањето на мигрантската криза.
– Свесни сте за напорите на Македонија во справувањето за кризата. Поради неизвесноста на овој предизвик, уште еднаш Ве повикувам на единство и на соработка во справувањето со сите аспекти во менаџирањето на овој предизвик – рече Попоски, кој на маргините на министерската средба имаше повеќе билатерални средби.