Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во интервју за порталот Фактор вели дека Македонија и Грција се многу далеку од решавање на спорот за името, сузбивајќи ги така очекувањата дека во овој период може да дојде до клучен исчекор во овој спор.
– Барањата на Атина во последните неколку години одат многу подлабоко од тоа што е веќе е направено како отстапка од македонска страна. Таквата грчка радикална позиција, која ја туркаат и се обидуваат да ја промовираат како некаков впечаток за компрмис, оди по линија на констатацијата дека целта им е да не се договориме. Сега сме многу подалеку од решение за разлика од пред неколку години. Целта на грчката страна е да нема договор околу ова прашање, додека за нас нема поголем приоритет да се придвижиме кон НАТО и ЕУ – изјави Попоски.
Од друга страна, тој истакнува дека земјава е на добар пат да се затвори поглавјето со Бугарија, особено по формирањето на новата влада кај источниот сосед, каде скоро се одржаа избори.
– Не мислам дека потпишувањето на Договорот за добрососедство е предусловот или крајната дестинација што треба да го правиме во билатералните односи. Тоа е само една станица, само еден знак на добра волја на приближување на согласување на принципите. Најважно е каква клима ќе градиме во меѓусебните односи, било да е на ново на политичарите или преку медиумите. Сликата која ќе ја имаме едни за други е главниот фактор што ќе влијае на идниот развој на взаемните односи – рече министерот за надворешни работи.
Според него, последниот извештај за напредок од Европската комисија, кој содржи уште една препрака за почеток на преговорите со Европската унија, не се пишувал ниту да биде критичен, ниту позитивен, туку реално да укажува на слабостите на земјата.