Десет дена откако Министерството за надворешни работи му издаде дипломатски пасош на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска тој беше поништен. Поништувањето било по барање на Мијалков, кој тоа во изјава го најави пред два дена.
-До Министерството за надворешни работи е доставено барање за издавање дипломатски пасош од страна на Министерството за внатрешни работи, со цел издавање на нов дипломатски пасош за раководно лице со посебни овластувања. Со оглед на повлекувањето на барањето од страна на барателот, истиот е поништен и повеќе не поседува дипломатски пасош, информираат од Министерството.
Сашо Мијалков си поднесе оставка од местото директор на УБК по настаните во кумановската Дива населба. За барањето да му се поништи дипломатскиот пасош, рече дека со тоа на СДСМ ќе им го одземе и последното оружје за негова дискредитација.