Неодамна објавивме стории за 5 македонски семејства кои живеат во тешка мизерија. Се обидовме преку хуманитарна акција, да им помогнеме, барем за малку да заборават на немаштијата. Се надеваме дека и други поединци, организации и бзинсимени ќе го следат овој пример.
ЗА МОМЕНТ ДА СЕ ЗАБОРАВАТ ТЕШКОТИИТЕ
Само што пристигна хуманитарната помош, по објавата на сторијата на „Фокус“ малолетните ќерки на Десанка Таневска од тетовското село Сараќино самите дотрчаа да ја истовараат.
За момент заборавија на тешкото детство што го минуваат во сиромаштија. Десетината пакети, иако полни со производи и прибор, сепак им беа лесни за носење оти мислата дека неколку седмици ќе имаат храна и хигиенски средства беше посилна од товарот. Таневска живее во една соба, со три малолетни и со една 18-годишна ќерка.
Самата се грижи за нив со наследената пензија на сопругот од шест илјади денари. Ѝ помагаат соседите и пријателите да го мине мачното секојдневие. Апелира за помош, а се надева дека некој ќе ја вработи најголемата ќерка оти била солиден ученик.
ПОДАДЕНАТА РАКА Е НАЈГОЛЕМА ПОМОШ
Хуманитарната помош што „Фокус“ ја однесе во семејството на Злата Стојанова од Струмица ќе значи дека одреден период ова многубројно семејство, барем малку полесно ќе ги мине деновите.
Додека се истовараше помошта што ја донесовме самите, Злата ни изрази голема благодарност, но и очекување дека по обелоденување на сторијата ќе има уште луѓе, бизнисмени кои ќе сакаат да помогнат.
Храна, средства за хигиена, покуќнина, сето она што би било од помош за семејството на Злата е добредојдено. Злата живее со нејзините два сина, едниот на 17 години, другиот на 29. Сопругот е починат.
Живеат во трошна куќичка, на еден километар од центарот на Струмица.
КАКО ДО ТРАЈНО РЕШЕНИЕ?
Насмевката на Енвер Јусуфовски и неговиот син, со кои нѐ дочекаа кога дојдовме да помогнеме, колку што можеме, кажуваше сѐ. Иако се свесни дека помошта ќе значи олеснување на животот само во наредните седмици, сепак и двајцата рекоа дека ваквите акции им ја враќаат вербата во луѓето.
Енвер и неговиот 15-годишен син живеат во една трошна куќарка-барака од 13 квадратни метри, во подножјето на ридот на самиот влез од Струга во Охрид, веднаш до Алтин мост, место каде што богатите граѓани имале имоти.
Тешкотијата која е надвисната врз плеќите на овој 65-годишен човек, но и врз младоста на неговиот син, барем за момент е заборавена. Најважно од сѐ е сепак, да најдеме, какво-такво трајно решение, на заминување ни раскажа Енвер. Се договоривме повторно да го посетиме, во надеж дека ќе успееме и пак да помогнеме.
КОГА НАСМЕВКАТА ЌЕ СЕ ВРАТИ БАРЕМ ЗА МОМЕНТ
Наташа Донева од скопско Волково, веќе со години, не живее, туку едвај преживува со своите две малолетни деца. Лицето, испиено од тешкиот живот, имавме шанса да го видиме барем за кратко насмеано, кога пред трошната куќа на самохраната мајка, натопена со влага, пристигна хуманитарната помош.
Донева не ја криеше својата радост, бидејќи благодарение на хуманоста, ќе може барем безгрижно да поминат неколку недели. За потоа, пак, вели дека се надева дека ќе се појават уште хумани луѓе, кои барем малку ќе им го олеснат животот, кој станал премногу тежок за нејзините слаби плеќи, откако ѝ починал сопругот.
Кога се подава раката некому, никој не очекува ништо за возврат, но Наташа, и покрај нејзината тешка финансиска ситуација, реши и на вработените во „Фокус“ да им го разубави денот. На Велигден ни испрати табла вапсани јајца за да се заблагодари. Се надеваме дека нејзината човечност ја поседуваат уште многумина, кои ќе и овозможат полесна иднина.
ХУМАНОСТА СТИГНА И ДО ШУТО ОРИЗАРИ
Ниту сиромаштијата не може да им ја тргне насмевката од лицата на жителите на Шуто Оризари. Секогаш ведри и расположени ја дочекаа и екипата на „Фокус“, која на две ромски семејство им однесе хуманитарна помош до нивните импровизирани живеалишта.
Ниту за момент не ја криеја својата искрена радост бидејќи некој се сетил на нив, и кога нема избори. Бидејќи како што велат, добиваат по неколку килограми брашно, само кога треба да гласаат. Сега помошта ја добија без некој да им бара нешто за возврат.
Најголема благодарност за хуманите луѓе е што знаат дека барем малку им го олеснија животот на 16-годишните Ѓулбер Реџепи и Ѓула Мустафа, кои заедно со своите браќа и сестри, како и родители и баби и дедовци, живеат во тешка сиромаштија, на само неколку квадратни метри.
Тука помошта од хуманите е неопходна. Овие сограѓани навистина живеат во лавиринт, но доколку некој сака, лесно може да го најде патот до нив.
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“