Полска земја европска

by lali

 

ramadanОбично пред посета на некоја земја, посебно кога таа е ретка и земја и посета, како што беше случај со мојот студиски престој во Полска овој месец, се присетувам на сите знаења околу таа земја. Тоа значи присетување на читања и книги, кои со текот на годините се претвориле во сеќавања, впечатоци и знаења за и околу дотичниот народ и земја. Но, со Полска, освен тоа, беше случај на присетување и на сите луѓе што ги знаеш од таму. Луѓето на кои се сетив при првиот ден таму, со намера при првата средба да ги прашам зошто не кажале дека имаат таква убава земја.

Убавината што имавме можност да ја видиме четворица луѓе од Македонија за пет дена, и тоа само во два града, вредеше и за спомен, а веројатно вреди и за раскажување. Таа земја и народ беа достојни да се опишат со убавина уште во првиот контакт при пристигнувањето, кога забележавме дека сѐ функционира. Посебни водичи, навремени пречеци и испраќања, посети во соодветни институции и многу информации, сѐ на сѐ функционална гостопримливост. Ние, од некаде појужно во Европа, знаеме да се гордееме со својата гостопримливост, и таа навистина некогаш е впечатлива, но чинам дека тоа е од фактот дека повеќе им правиме муабет на гостите, а таму тоа беше функционална. И со тоа и подолго временски впечатлива.

Полска е земја-членка на ЕУ повеќе од деценија. Но, од функционирање на локалната власт и чистите улички, преку соодветно поставените еколошки филтри и многу зеленило, па сѐ до уставните заштитни механизми за независност на институциите се забележуваше дека тоа е навистина Европа. Не само историски и географски, како многу други земји од кои и нашата, туку европското таму во секој поглед и во секој детаљ се забележуваше насекаде. Ако ги поделиме земјите на стари европски земји кои понекогаш дозволуваат да се глупираат од тоа што ним европското никој не им го оспорува, па потоа и на нови земји-членки на ЕУ на кои никој не им замерува и ако помалку и понекогаш им снема нешто во европското, Полска беше средината во која ништо не недостасува, но земја во која се гледа и се работи ништо да не недостасува. И сето тоа беше макотрпен плод на полскиот народ. Сигурно и тие како многу други народи и земји имале луѓе и соседи, некои среќа, а некои таксират, географија, религија и историја, но таму се забележуваа трудот и работата.

Насетувајќи дека иако тие се десет и кусур пати поголема земја, можеме да научиме за нашиот европски пат, везден се прашувавме како го постигнале тоа. Одговорите беа различни во зависност како, кого и што прашувавме. Но, еден дел на одговор се пројавуваше насекаде, сакајќи да доловиме како толку успеале: тие секогаш имале консензус за нивниот европски пат и имале друштвена група која изричито го сакала тоа. Тоа таму биле селаните и земјоделците кои секогаш биле првите и веројатно највредните во нивниот европски пат. Само еден податок за илустрација на успехот беше она што ни го кажаа во еден врвен економски институт, а тоа беше дека оваа година и со Германија се во суфицит, при што извозот кон тој нивен сосед за првпат го надраснал увозот. Тоа лесно го прават други земји што таму ќе извезуваат да речеме пиперки, но тоа е предизвик за земјите што импортираат и скапи машини од Германија.

polonia2

Друг важен податок за нас беше и тоа што европскиот консензус таму уште трае и Полска сѐ уште е една од ретките земји каде што продолжува еуфоријата за Европа, и што е најважно за нас големи се процентите исто и за проширувањето на ЕУ. А кога е тоа случај за голема земја како Полска, тоа многу ни користи нас како земја во нашиот европски пат. Ние ќе го осознаеме тоа веројатно кога конечно ќе поставиме полноправен амбасадор таму, нешто што заради наши дневно турбулентни политички односи меѓу партиите внатре ни недостасува, еве две години. До тогаш останува само да обрнеме внимание дека таму има една голема земја која може многу да помогне.

polonia1

При нашата посета увидовме дека во Полска има многу владини и невладини институции, кои веќе насекаде извезуваат знаење и искуство во многу полиња во кои тие се покажале како успешни, а дека тоа беше многу малку случај за Македонија. Така, при посетата на некои институции што се занимаваа со регионот, освен што се забележуваа очигледни можности за соработка, забележавме дека Македонија ја има малку. Некои званичници и професори учтиво се обидоа дури да се оправдаат дека тие ја немаат блискоста со нашиот регион како што можеби повеќе ја имаат Австрија или Унгарија, но забележавме дека тоа не е случај ни со другите до нас како Црна Гора, Босна, Албанија и Србија. Таму при средби во соодветни научни институции дури ќе можеше да се дојде до една прилично точна, но многу тажна констатација за нас: Македонија постои, но ја нема.

polonia4

Ако градовите се мерило за убавината на една земја, тогаш посетата на Варшава и на Краков беа доволни за да се долови поприлично од убавината. Полска беше како убаво послужено јадење, налик на секој ден различни екстравагантни ручеци и вечери во кои не гостуваа домаќините,  при кои беше доволно да се пробаат некои јадења за да се карактеризира сето тоа само со еден збор: одлично! Така и градовите од кои Варшава е главниот град, веројатно тоа својство го заслужила со жртва. При посетата на музеи дознавме за обемот на уништувањето на тој град во Втората светска војна, но со актуелната посета дознававме колку е вложен труд во понова изградба и колку тој потоа пораснал. Но, и трудот е жртва. Краков беше уште поубав и помалку уништен од војната и потоа од комунизмот, но и таму беше очигледен трудот за зачувување на истиот. Тој град изгубил многу луѓе, но тулите од тврдината, сите стари згради, улици и маала беа сочувани. Изгледа Краков никогаш не ѝ простил на Варшава за одземеното својство на главен град на земја, но од тоа што сега токму таму секој ден доаѓаше цел свет, Краков веќе станал светскиот полски главен град. Јас сум веројатно еден од многумина луѓе кои откако биле, би сакале да се вратат во Полска, и ако тоа би било само во еден град, тоа секако би бил Краков.

(Авторот беше учесник на еднонеделен студиски престој во Полска организиран од полската амбасада во Скопје)

Поврзани новости