ШК „Алкалоид“ со меѓународно засилување за Европскиот Клупски Куп 2015

by Фокус

Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија, ШК „Алкалоид“, добива засилување од 5 странски врвни велемајстори, непосредно пред подготовките за најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски Клупски Куп (European Club Cup), кое ќе се одржи во Скопје, во октомври годинава.

Покрај најдобрите македонски шахисти, боите на „Алкалоид“ ќе ги бранат и петтмина од топ 50 на светската рејтинг листа, кои ќе настапат и на екипниот Шампионат на Македонија, кој ќе се одржи од 20-ти до 26-ти јули годинава, во Струга. Меѓу нив се следниве:

Дмитриј Јаковенко – член на Руската шаховска федерација; Европски шампион за 2012 година; Светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година; Првак на Европскиот екипен шампионат за 2007 година и носител на сребрен олимписки медал за 2012 година.

Евгениј Томашевски – член на Руската шаховска федерација; Европски шампион за 2009 година и освоено прво место со руската репрезентација на Светскиот екипен шампионат во 2010 година.

Васиљ Иванчук – член на Украинската шаховска репрезентација и истакната шаховска легенда која на врвот котира 25 цели години, достигнувајќи го неколку пати и високото второ место на светската рејтинг листа. Со репрезентациите на СССР и Украина освојува 4 златни, 1 сребрена и 3 бронзени  олимписки медали, а во периодот од 2007-2008 е Светски шампион во брзопотезен шах (blitz).

Дмитриј Андрејкин – член на Руската шаховска репрезентација; Светски јуниорски првак за 2010 година и Шампион на Русија за 2012 година.

Јуриј Криворучко – член на Украинската шаховска репрезентација; Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве 4 години.

Покрај најсилен шаховски клуб во Македонија, ШК „Алкалоид“ претставува и главен столб на државните репрезентации. Под спонзорство на „Алкалоид АД“ Скопје, клубот функционира континуирано цели 39 години, имплементирајќи го корпоративниот начин на функционирање по примерот на компанијата. „Алкалоид“ со текот на годините изгради моќен и препознатлив шаховски бренд во европски рамки, со долгорочна стратегија за развој и максимална ориентираност кон меѓународната сцена.

 

Поврзани новости