Полска постави жичана ограда по должина на границата со Белорусија од околу 140 километри

by Fokus

Поставувањето на 140 километри ограда долж границата со Белорусија е завршено, објавија полските власти, кои со оградата сакаат да спречат повторување на претходната криза, кога голем број мигранти се упатија кон границата.

Според снимките кои ги објави државната гранична патрола, во наредните денови ќе започнат работите на поставување на оградата со сензори и камери. На снимката се гледа висока ограда во близина на возила кои патролираат.

Полската граница со Белорусија, долга 418 километри, беше во фокусот на миграциските движења минатата година, особено во време кога таму ненајавено пристигнаа илјадници луѓе. Ова наводно се случило откако белоруските власти ги поканиле во Белорусија, а потоа ги транспортирале до границата со надеж дека ќе создадат криза.

Многу мигранти кои успеале да стигнат до границата дошле од воените зони.

Кризата го достигна својот врв во потоплите летни и есенски месеци во 2021 година, а потоа со почетокот на зимата дојде до затишје.

Со оглед на тоа што температурите сега повторно се зголемуваат, полските власти известуваат за пристигнување на зголемен број бегалци. Во саботата полските власти наредија приведување на 14 лица кои се обиделе да преминат од Белорусија во Полска.

Полјаците лани во август поставија импровизирана ограда, а од јануари таа постепено ја замени оградата висока пет и пол метри со сензори за движење и камери.

Работите на доизградба на оградата треба да завршат до крајот на јуни, а за таа намена од буџетот ќе бидат издвоени околу 366 милиони евра.

Полските власти најавија и дека на 1 јули ќе ги укинат рестрикциите, поради што среде кризата се создаде забранета зона долж границата широка три километри.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека повеќе нема да има потреба од вакви ограничувања откако ќе заврши поставувањето на оградата.

Поврзани новости