Половина од вработените земаат плата пониска од 16 илјади денари. И две вакви плати да има во семејството, не можат да ги покријат неопходните трошоци за живот, што според минималната синдикална кошница на ССМ, изнесуваат 32.200 денари месечно. Ова денеска го изјави Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.
Според неа Власта на Никола Груевски ја изигра минималната плата со тоа што остави период од три години за нејзино усогласување и покажа тотална негрижа за кршењето на правата на работниците од страна на странските инвеститори кои се субвенционирани и подржани со народни пари.
– Слушнете ги сега скандалозни податоци што се однесуваат на деца кои работат, според Мултииндикаторското кластерско истражување. Седумнаесет проценти од децата во Македонија се вклучени во работни активности, 23 проценти мали деца, на возраст од 5-11 години, се вклучени во детски труд – алармираше Царовска.
СДСМ предложи минималната плата да се постави на 10.0000 денари и да се усогласува со порастот на животните трошоци и флексибилно работно време од 7.00 – 8.30 часот, за да можат вработените да поминат повеќе време со своите семејства.
– Департизација на синдикатите и укинување на сите закони што на кој било начин го отежнуваат или ограничуваат правото на штрајк – предложи претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.