Хелсиншки: Одговорните се неми за состојбата на измачуваното глувонемо дете

by Фокус

Хелсиншкиот комитет потсетува дека во јуни годинава се обратил до надлежните институции за глувонемото дете – жртва на тортура во Завод за заштита и рехабилитација „Бања Бањско“.

Претставници на Хелсиншки во тој временски период ја посетиле здравствената установа и се сретнале со детето.

– Според медицинската документација, беше утврдено дека се работи за дете со комбинирани пречки во развојот – психички и физички. Степенот на пречките во психичкиот развој е умерен, додека за пречките во телесниот развој се утврдени пречки во говорот и гласот и тешка форма на церебрална парализа. Претставниците на Комитетот, за време на посетата имаа можност да го видат детето и да утврдат дека нормално се движи – оди и трча, оттука, се наметнува сомнежот за погрешно поставена дијагноза од страна на докторите кои го изготвиле наодот и мислењето за видот и степенот на попреченост во физичкиот или психичкиот развој на малолетното дете – велат од Хелсиншки.

Комитетот од надлежните институции побарал рекатегоризација со која точно ќе биде утврдена здравствена состојба на детето и ќе му се овозможи соодветна грижа и нега; надзор врз работата на Центарот за социјални работи Битола и да се утврди одговорност на овластените лица што постапиле во конкретниот случај.

– Во текот на месец септември, покрај горенаведените дописи, Хелсиншкиот комитет побара од ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци (Топанско Поле – Скопје) (н.з. каде беше преместено детето), да се овозможи средба со детето, но барањето беше одбиено. Известени сме дека до денешен датум до оваа установа не е доставен нов стручен наод и мислење за состојбата на детето. Бидејќи надлежните институции се уште се неми за состојбата на измачуваното глувонемо дете, а имаат обврска да известат кои дејствија ги имаат преземено за заштита и унапредување на неговите права, бараме сите надлежните органи кои имаат законска обврска да постапат по случајот да одговорат кои дејствија ги имаат преземено и дали е утврдена одговорност за нестручно и несовесно работење кај лицата кои постапувале во конкретниот случај – велат од организацијата која ги штити човековите права.

За состојбата на детето пред неколку месеци прв информираше народниот правобранител Иџет Меџети кој алармираше дека детето било врзано со јаже во институција во која немало персонал обучен за негова грижа.

Поврзани новости