Едниот блок во РЕК Битола се уште е во аут, а санацијата бавно се одвива. Во меѓувреме ЕЛЕМ распиша уште еден тендер за увоз на струја во земјава.
Социјалдемократскиот сојуз алармира дека струја се увезува по прескапа цена. Од партијата денеска приложија и документи, според кои, како што тврдат, вкупната сума за четири дена за увоз на струја, достигнува половина милион евра.
– Власта во заминување ги остави граѓаните без струја и сега прави итен увоз којшто дебело го плаќаме. Просечната цена по мегават час увезена струја скокна на 101.5 евра! Одобрената цена за увоз од Регулаторната комисија за енергетика е 38 евра. Претходните два дена се увезуваше струја по 59.3 евра по мегават час. Увезената струја за претходните два дена чини 300.000 евра! Вкупната сума за 4 дена за увоз на струја, заклучно со утре, достигнува половина милион евра! – алармираат социјалдемократите.
Потенцираат дека домашна струја нема бидејки постојано не работи еден од блоковите на РЕК Битола, иако за наводни поправки досега отидоа неколку стотици милиони евра.