Екипи од МВР минатата недела зедоа документи од правната служба на најголемата театарска национална куќа МНТ поради сомневање дека во периодот од 2015 до 2017 се вршени незаконски дејства кои го оштетиле буџетот, пренесува „Независен“.
Инспекторите од одделот за организиран криминал постапуваат по пријавата на Министерството за култура, кое имало индиции дека режисерот и поранешен директор Дејан Пројковски ја злоупотребил службената должност, вршел сомнителни јавни набавки и ненаменски потрошил средства во висина на 150.000 евра.
Под истрага е и наследникот на Пројковски, кој му потпишал решение за вработување и распределба на уште едно работно место, а полицијата ги побарала и тие документи. Решението за работното место режисер, односно распределба што не ги поминала правните регулативи, за Пројковски го потпишал Драган Спасов – Дац. На овој начин Пројковски добил две работни места, уметнички директор и режисер.
МВР во моментот ги прибира и ги анализира документите и во интерес на истрагата до првичните сознанија нема да споделува информации со јавноста.