Наместо на наплатната рампа Романовце, како што најавија, стотина стечајни работници од Куманово во 10 часот стигнаа до клучките на влезот и излезот на автопатот и не можеа да продолжат понатаму, поради силното полициско обезбедување, објави СДК.
-Од припадници на МВР ни беше кажано дека тие нема да нè пуштат да отидеме на автопатот. Ни рекоа да застанеме тука, да не се туркаме и да не им се спротивставуваме за да не дојде до некоја беља, да не нè тепаат. Останавме овде и поради полицајците кои денеска се пред нас, бидејќи тие секогаш се толерантни кон нас. Не сакаме да им правиме проблеми на нив, а и на нас, да не ги тепаат овие наши болни и испатени луѓе. Инаку нема на ова да остане, веќе наредната недела ќе организираме протестен марш Куманово – Скопје и тогаш не можат да нè сопрат, изјави Лилјана Георгиевска, претседателка на здружението на стечајни работници УНИТ.
Стечајците бараат да бидат обештетени и еднаш засекогаш да се реши нивната дведецениска голгота.