Полицијата и јавното обвинителство го расчистуваат случајот со украдениот мртовец што се случи во струмичката болница, соопштуваат од СВР Струмица.
Инцидентот закојшто објави „Фокус“ се случи претпладнево околу 9 часот кога група струмичани украдоа мртовец од Инфективното одделение на болницата.
Според официјалните информации, пациентот на 49 годишна возраст бил примен во амбуланта во тешка состојба, а го донеле неговата ќерка и сопругата. По дваесетина минути починал, а дваесетина граѓани од Турското маало во Струмица насилно го извлекле починатиот сосе кревет надвор во дворот на болницата, го дигнале од креветот и го префриле преку оградата, го ставиле во комбе и се упатиле во непознат правец.
Директорот на струмичката болница, Наќе Гогов, го осудил овој чин, бидејќи граѓаните кои го грабнале починатиот не им дозволиле на лекарите да потпишат посмртница и да ги пополнат потребните документи, а се однесувало насилно и кон медицинскиот персонал.
Според него не може да се каже дали починатиот бил заразен од Ковид-19, бидејќи не му бил направен тест.