Полицаец во Хрватска обвинет дека задржал над 110 илјади евра од наплатени казни

by Fokus

Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал во Хрватска поднесе обвинение против 56-годишен полицаец од полициската станица во Белишќе пред Жупанискиот суд Осиек поради сомневање дека задржал повеќе од 110.000 евра од казни наплатени во прекршочни постапки од 2013 до 2021 година.

Обвинителството извести дека 56-годишникот е обвинет дека како службеник полициската станица Белишќе, задолжен за примање парични казни во прекршочна постапка и предавање на парите во државниот буџет на Република Хрватска од колегите зел вкупно 258.552 евра глоба, а дел од парите ги задржал за себе.
Полицијата посочува дека на овој начин 56-годишникот се стекнал со противправна финансиска корист од најмалку 110.163 евра.

За да ги прикрие незаконските дејствија во службената евиденција на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, на обрасците за прекршочни казни внесувал лажни податоци за наплатените износи на глобите и времето на нивното наплатување, односно лажни податоци за долгот.

Осомничениот при редовните годишни пописи во периодот од 2013 до 2020 година внесувал невистинити податоци за состојбата на залиха на обрасци во списоците за попис на стоки и внесените податоци ги заверил со свој потпис.

Потоа направил конечна евиденција на извршените пописи со невистинити податоци за вкупната наплата и залиха на обрасци и таквата документација ја презентирал на членовите на комисијата за попис кои не сомневајќи се во веродостојноста на наведените податоци ги завериле со свој потпис, објави Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал.

Поврзани новости