Текстот е објавен на 18 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 980
Борба против криминалот во согласност со Уставот и законите. Оваа реченица е една од омилените на властите, со која го амнестираат секое свое политички мотивирано дејствување. Се кријат зад Уставот и законите, но тие, како најголеми „тужибаби“, сè почесто ги издаваат. Откриваат дека марихуаната, всушност, била див коноп, а наводното кривично дело само фатаморгана. Покажуваат како првично надуените судски случаи, со текот на времето пукаат како политички монтирани балони. Како наводните криминалци се, всушност, само политички жртви.
Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА
Како никогаш досега, во изминативе две-три години се зборува за политички затвореници во Македонија, односно се полемизира има ли осуденици, кои само поради својата политичка или партиска активност или поради нечија политичка желба, ги почувствувале притворските решетки на своја кожа? Има ли политички мотивирани, или барем охрабрени, полициски истраги и монтирани судски процеси?
Сомнеж, а богами и позитивен одговор на овие прашања почнавме да добиваме од дел од домашните невладини организации, но сè почесто и од реномираните меѓународни асоцијации, познати во светот како заштитници на човековите права и слободи. За разлика од овие организации, кои на долго и на широко пишуваат и предупредуваат за политичките затвореници, власта има краток и јасен одговор. Политички затвореници нема!
Како што и јавно изјави премиерот Никола Груевски, а тој, нели, најубаво знае, сите што се во затвор биле осудени со аргументи и факти. Судовите биле независни и работеле според законите. Оние закони, пак, кои не чинеле, а врз основа на кои настрадале некои граѓани, биле донесени во времето на СДСМ.
„Тоа што некој сака да ги прикажува како жртви и како политички затвореници, тоа е дел од политичката манипулација на дневна основа“, е ставот на премиерот Груевски.
Ставот на Стејт департментот, пак, е поинаков. Во последниот извештај за човековите права, во одделот насловен како „Политички затвореници и противници“, се споменуваат новинарот Томислав Кежаровски и советникот на општина Центар, Миросав Шиповиќ. Во овие извештаи претходно се појавуваа и имињата на Велија Рамковски и Љубе Бошковски.
„Најголем проблем е што владата не го почитува целосно владеењето на правото и што нема јасна линија меѓу државните и партиските активности“, вака резимира Стејт департментот во делот за Македонија во последниот извештај за состојбата со човековите права.
И, сега, кој ја зборува вистината?
ОД МЛЕКАР ДО ПОЛИТИЧКИ ПРИТВОРЕНИК
Бидејќи Премиерот милува да се повикува на Уставот и законите, истото ќе го сториме и ние и, потпирајќи се на нив, ќе се осмелиме да кажеме дека млекарот Душко Илиевски од Битола беше политички притвореник. Тој, неговиот брат и татко, во 2010 година спектакуларно беа уапсени како одгледувачи на марихуана.
Но, она што фрли сомнеж врз вака подмачканата полициска приказна, беше фактот што, пред да биде уапсен, Илиевски стоеше на чело на протестите на млекарите, учествуваше на митинзите на опозицијата и зборуваше јавно против владејачката гарнитура и против Премиерот. Па, токму поради тоа беше сомнително како наеднаш токму во неговата нива изникна марихуана?
По неколку месеци влечкање по судови и по 12 дена поминати во притвор, Илиевски ја докажа својата невиност, односно успеа да докаже дека наводната марихуана во неговата нива е, всушност, див коноп. Но она што остана да виси е тврдењето на премиерот Груевски, кој пред целата македонска јавност изјави дека Илиевски е одгледувач на марихуана.
„Ме чуди што СДСМ реагираше дека фармерот Душко Илиевски бил нивни член и оти ние намерно сме го сториле тоа. Како може да биде намерно, кога таму марихуаната растела со месеци. Таа била израсната уште кога Бранко Црвенковски го посетил. Значи, ние не сме можеле да предвидиме дека Бранко ќе отиде во дворот каде што расте марихуана. Тоа бил негов избор, а не наш. Се работи за негувана марихуана, а не за дива. Така ме информираат од МВР, што значи дека некој внимавал на неа и ја одгледувал“, изјави премиерот Груевски непосредно по приведувањето на Илиевски.
Иако се утврди дека кажаното не е вистина, Премиерот не презеде никаква одговорност за клеветата, ниту пак почувствува должност да му се извини на Илиевски.
Затоа Илиевски, заедно со својот брат и татко, на суд ја тужат државата за незаконското држење во притвор. Од државата бараат 5 милиони денари за душевната болка што ја претрпеле при спектакуларното апсење, притворање, обвинување, како и за материјалната штета што ја претрпеле додека биле во притвор.
ШИПОВИЌ, КЕЖАРОВСКИ, ВРАНИШКОВСКИ…
За власта, политичка пресметка не беше ниту притворањето на Шиповиќ, претседател на советот во општина Центар, член на СДСМ, туку за неа тоа беше уште една од редовните борби против криминалот. Тоа што го апсеа во Виена, иако тој најави дека се враќа во Македонија, и тоа со трчање, беше уште еден доказ за (не)пристрасноста.
Но, ќе се согласиме дека подобро звучи дека го уапсиле отколку дека самиот се предал. А, немаше и да имаат аргументи како да го задржат цели осум месеци во притвор. Вака, се извадија дека постои опасност од бегство?! За тоа дали самиот Шиповиќ се смета за политички затвореник, тој не сака да зборува, бидејќи ќе почекал да заврши процесот, чијшто финиш се очекува до крајот на годината. Но, за таков го прогласија од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од Стејт департментот.
Во истиот ранг овие организации го ставија и новинарот Томислав Кежаровски, кој наводно уште пред пет години го открил заштитениот сведок во случајот „Ореше“. Со првостепена пресуда новинарот беше осуден на 4,5 години затвор. По шест месеци поминати во истражниот затвор „Скопје“и осум месеци во домашен притвор, Кежаровски сѐ уште чека Апелациониот суд да закаже јавна седница за неговиот случај. Расправата пред овој суд засега се одолговлекува без официјално објаснување, иако, кога станува збор за притворски предмети, брзината е најважна. Но, по сè изгледа, некому не му се брза.
При притворањето на новинарот, премиерот Груевски даде свое толкување, поточно, како што би рекол народот, ја избрка мувата од капата, објаснувајќи дека новинарот не бил многу познат, па излегува дека поради тоа и немал мотив да се пресмета со него. Сепак, ова образложение не ја разубеди јавноста во веќе изградениот став. Можеби навистина Премиерот немал мотив за пресметка, но тоа не значи дека мотивот му недостасувал на некој од неговите подредени, а сепак моќни соработници.
Според Хелсиншкиот комитет, првиот политички затвореник во Македонија по нејзиното осамостојување е архиепископот Јован Вранишковски.
Комитетот нотира дека во текот на 2013 година Вранишковски, заедно со уште 18 други лица (меѓу кои неговата мајка, сестра и вујко, свештени лица, следбеници и поддржувачи на нерегистрираната Православна Охридска архиепископија) беше обвинет за наводно перење пари преку здружение на граѓани кое планирало да изгради објект за средби помеѓу верниците.
Полициската акција за апсење на обвинетите беше наречена „Расколник“, што за Хелсиншкиот комитет е еднакво на предрасуда и претставува директна повреда на принципот на презумпција на невиност на обвинетите. Со неправосилна пресуда на Кривичниот суд во Скопје, Вранишковски беше осуден на тригодишна затворска казна, а сите други обвинети на двегодишни затворски казни, кои нема да се извршат доколку лицата во рок од пет години не сторат ново кривично дело.
„Претставници на Хелсиншкиот комитет ги следеа сите судски рочишта, но не беа убедени во аргументите понудени од Јавното обвинителство за докажување на вина кај кој било од обвинетите“, стои во годинашниот извештај на организацијата.
Она што ги поткрепи сомнежите за начинот на кој овој случај се движеше низ судските лавиринти, е фактот што на денот за кога беше закажано објавување на пресудата судскиот совет одлучил предметот да го врати во фаза на главен претрес и во истиот момент, без знаење на обвинетите и нивниот бранител, соопштил дека пред судот ќе сведочи лице кое наводно договарало продажба на имот со Вранишковски. Сведокот тврдеше дека тој за земјиштето преговарал во негово име и во име на неговите соседи, кои го ополномоштиле преку писмено полномошно. Кога обвинетиот побара полномошното да се достави како доказ, судскиот совет го одби предлогот. Потоа набрзо беше донесена и пресудата.
На Апелациониот суд му беа потребни повеќе од седум месеци да закаже јавна седница, но таа се одложи бидејќи Вранишковски не беше спроведен од затворот „Идризово“. Судот ја одложи седницата за мај, по што обвинетиот повторно не беше спроведен. Сега се чека на „трета мајка“.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО СО ИСТИТЕ ЌОР-ФИШЕЦИ ЌЕ ПУКА ПО ЉУБЕ
Фактот што веќе четврта година зад решетки минува и некогашниот министер за внатрешни работи и лидер на партија, Љубе Бошковски, за власта сигурно е само случајност и нема никаква врска со тоа што го уапсија во моментот кога од најголем херој им стана најголем непријател. Додека лежеше во Хаг, го опејуваа и величеа, но кога покажа политички амбиции и почна да зборува, заврши со спектакуларно апсење пред очите на целата јавност. Истите оние, што се крстеа во него и што го прогласија за народен херој, одеднаш го претставија како корумпиран политичар, а безмалку и како убиец.
На Бошковски му остана да одлежи уште 1,5 година за делото „Кампања“, но како ова да не беше доволно, го вмешаа и во случајот „Ровер“. Со првостепената пресуда Бошкоски беше „замолчен“ за нови 12 години, но по одлуката на Апелација, предметот беше вратен од почеток. Второстепениот суд, јасно и гласно, пресудата ја нарече нејасна и неразбирлива, а дури и отворено се посомнева дека е незаконска.
„Изреката на пресудата е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти кои се од битно влијание за законито одлучување во конкретниот кривично-правен настан“, се наведува во решението на Апелациониот суд.
Според овој суд, во случајот недостасуваат и докази кои ќе го поткрепат сценариото на обвинителството. Јасно се наведува дека за да се товари некој со кривичното дело помагање мора да се утврди неговата умисла, односно дека свесно помагал убиство, како и точно да се опише начинот на кој тој помогнал.
Со стартот на повторното судење, што се случи неделава, се очекуваше обвинителството да ги земе предвид забелешките на повисокиот суд, но, тоа не се случи. Обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова истакна дека останува на истиот обвинителен акт, без да внесе ниту една измена или дополнување. Исто така, посочи дека нема да предложи нови сведоци, а по сè изгледа ни докази, што е и очекувано зашто поминаа 13 години од двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев.
Ова значи дека и во повтореното судење не се очекуваат изненадувања. Буквално ќе се случи пресликување на рочиштата, кои, пак, не би можеле да предизвикаат поиздржана пресуда од претходната. Опциите се две. Или судијата ќе се осмели и, поради недостаток на докази и умисла, како што утврди Апелација, ќе донесе ослободителна пресуда, или, пак, ќе ја препише старата пресуда, која е повеќе од очигледно дека нема да помине пред Апелација.
И РАМКОВСКИ ВО РЕДОТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ
И името на Велија Рамковски, сопственикот на некогашната А1-телевизија, провејуваше како политички затвореник. Иако му се судеше за прикривање на данок, сепак не можеше да се избегне очигледното ‒ дека за овој случај вистинскиот мотив беше затворање на медиумот. Фактите говорат дека на надлежните им текна да го расчистуваат криминалот во медиумот во периодот кога неговата телевизија беше најгледана, и кога и самиот тој беше најжесток критичар на власта.
Во периодот 2006 – 2008 кога истата телевизија немаше силна критичка острица кон власта, па дури може да се каже и дека поддржуваше дел од владините политики, немаше никакви докази за незаконско работење. Тие „испливаа“ на површина кога Рамковски го сврте грбот. Парламентарното мнозинство, по изборите во 2011 г., дури и пред да биде избрана новата влада, итно, небаре државата ќе пропадне, изгласа зголемување на бројот на членовите на Советот за радиодифузија. Така беше отворен патот за „решавање“ на телевизиите А1 и А2. Од колкава важност им било да исчезнат овие медиуми говори фактот дека овие измени се изгласаа во пакет со амнестијата на воените злосторства.
И овој случај беше проследен со грубо кршење на начелото на презумпција на невиност од страна на претставниците на власта и институциите, бидејќи уапсените предвреме ги прогласија за виновни. Правосилната пресуда стаса дури во 2013 г., кога Апелациониот суд ги потврди казните.
Рамковски зад решетки веќе ја минува четвртата година, а нешто помалку на медиумскиот етер не зрачи и најгледаната А1-телевизија.
И додека од година на година се редат примерите за политички затвореници во Македонија, власта упорно тврди дека во државата се спроведува правото, а правдата стигнува до секого. Сепак, треба да се разјасни дека правдата и правото се две различни работи. Правото треба да ѝ биде „послушник“ на правдата. Но, наместо да ѝ служи на правдата, правото честопати и измеќарува на политиката.
ШТО Е ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИК?
Според став 3 од Резолуцијата 1900 на Советот на Европа од 2012 година, како политички затвореник се смета лице чие лишување од слобода е резултат на определување притвор во спротивност на некоја од фундаменталните гаранции содржани во Европската конвенција за човековите права. Во оваа категорија е и притворањето кое е резултат на постапка која е очигледно нефер и се чини дека е поврзана со политички мотиви на властите.
„КАМПАЊА“ ГО ЧЕКА РЕДОТ ВО СТРАЗБУР
Додека на Бошковски повторно му се суди за „Ровер“, во Стразбур се чека терминот кога на дневен ред ќе дојде случајот „Кампања“.
„Сите пресуди во овој случај се резултат на монтиран и политички процес, во кој голем удел има и извршната власт, а се донесени во постапка и на начин спротивни на националното и меѓународното право“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Токму поради повредите на правото на правична судска постапка, Комитетот поднесе жалба до Судот за човекови права во Стразбур. Во жалбата се наведува дека со судењето на Бошковски не раководел непристрасен суд, дека му била повредена презумпцијата на невиност, дека јавноста била исклучена од судењето на незаконски начин, дека постапката била контрадикторна, а во постапката се користеле и незаконски докази.