Политички хирург што „оперира“ без анестезија

by Fokus

arhiva

Текстот е објавен на 11 ноември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 997.

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Со своите 35 години, Тодоров беше директор на Агенцијата за катастар, смени две министерски функции, успеа три години да владее со образованието и веќе три години го „лекува“ здравството. Но, тука не застануваат неговите амбиции. Долго време се шпекулираше дека ќе стане прв полицаец или, пак, ако дојде до промена на тронот во ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде наследник на Груевски. Како и да е, Тодоров е „топ реформаторот“ во Владата, кој толку навлезе во улогата на лекар, што дури научи и да „оперира“. Макар и на видеоигра. Тој е единствен министер кој седум дена во неделата држи прес-конференции и најавува нови проекти. Битно е да се бројат, не мора да се остварат

Денот трае само 24 часа, но и тие понекогаш се премалку за министерот за здравство Никола Тодоров, кој веќе осум години го негува имиџот 24/7, според вмровската агенда. Сето тоа и не е чудно, ако се има предвид неговата молњевита кариера. Почнувајќи од 2006 година тој стана директор на Агенцијата за катастар, по три години стана министер за образование, а две години подоцна седна на министерското столче во ресорот здравство.

Турбо-агендата е карактеристична за речиси сите министри во владата на Груевски, но, сепак, првиот човек во здравството и тука се издвојува. Не поминува ден во неделата, без тој да одржи прес-конференција на која ќе промовира нов проект. Ги исполнува пропагандните вмровски стандарди – тој е единствен што „работи“ за викенд, па секоја сабота и недела редовно може да се види на телевизиските екрани како проповеда за „здравствените реформи“.

Ваквиот работно набиен календар, Тодоров го почна уште во 2009 година кога стана министер за образование, а истата практика ја продолжи и во здравството. Тоа му го обезбеди местото на листата „топ реформатори“ меѓу владините луѓе. Министерот толку многу е активен, што на негова сметка постојано се прават шеги, дека ако продолжи со ваквото темпо, уште малку ќе почне да ни излегува и од фрижидерот и да ни држи лекции за постигнатите резултати.

Речиси сите фаворити на премиерот, барем во кадровска смисла, се трудат да го држат ова темпо. Редовно сечат црвени ленти, удираат камен-темелници, отвораат спортски сали, училишта… но, никако и никој не успева да го претекне Тодоров.

Оттука се поставува прашањето, дали некој му го наложил овој ритам или сам го креира своето работно време за да освои поен повеќе кај првиот човек на Владата? Сепак, на амбициозноста на Тодоров ѝ нема крај. Неговото име веќе две години се врти во политичките кулоари и полициските кругови, како прв човек во МВР, на местото на Гордана Јанкулоска. Но, работите отидоа и дотаму, што многу често се шпекулира, дека ако од која било причина Груевски се повлече од лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ, или од Владата, Тодоров е идеален за негов наследник. Дали тоа ќе се случи, ќе покаже времето!

ХИПЕРАКТИВНИОТ ТОДОРОВ СО ФИТИЉ КАРАКТЕР

Последната декада ја одбележаа млади луѓе, кои буквално ја окупираа владата на Груевски. Амбициозни, неискусни и алчни за моќ, тие гордо ги менуваа функциите, додека, пак, некои директно од факултетските клупи стануваа директори или министри. Така, со години наназад, се креира секоја нова влада на Илинденска бр. 2.

Со своите 35 години, Тодоров смени неколку функции, кои позитивно или негативно ја одбележаа неговата кариера. Пред 12 години тој дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, отсек граѓанско право. Вмровски корени Тодоров влече уште од својот татко Стојан, кој многу години беше генерален секретар на владата на ДПМНЕ. Кариерата на татко му заврши во 2009 година, кога си поднесе оставка, но, затоа, пак, неговиот син се вивна во облаците.

Карактеристично за Груевски е тоа што во текот на сите осум години од неговото владеење, најважните министерски позиции им ги доверува на своите најверни соработници. Некои од нив, како Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, на своите позиции се зацементирани од 2006 година, додека Тодоров одвреме навреме ротира, но, сепак, е негова верна сенка.

За разлика од неговите колеги, на кои може да им се забележи доза арогантност, суета и самобендисаност, тоа нема да го видите кај првиот човек во здравството. Тој може да се опише како шармантен, харизматичен, амбициозен и хиперактивен скопски шмекер, кој навидум настапува наивно, но речиси секогаш зачинето со одредена доза на иронија. Меѓу своите сопартијци и симпатизери Никола Тодоров е познат како Нино.

Но, зад неговата маска на наивност, честопати на површина излегува неговиот „фитиљ“ карактер. Таквата нарав, Тодоров ја покажа неколкупати досега. Еднаш поодамна им беше лут на фармацевтските компании, па удирајќи со тупаница по масата се фалеше дека нема да им дозволи да прават бизниси на грбот на пациентите. Подоцна, неговите боречки вештини дојдоа до израз кога се „пресмета“ со микрофоните во Собранието испровоциран од обвинувањата дека Министерството што го предводи добило негативен финансиски извештај од државниот ревизор. Неговата лутина излезе на виделина и кога беше обвинет од опозицијата за милионскиот тендер за медицинска опрема. Тој со повишен тон и пркос во очите се бореше против нападите.

Сепак, Тодоров со своите наивни фаци и убедувања успеа да им влезе под кожа на бабите и дедовците, дека тоа што го прави, го прави од срце. За, не дај боже, некој да не се посомнева во неговата чесност и добрина.

За него е познато и тоа што секогаш остава прв добар впечаток меѓу вработените. Тој влегува на новото работно место, оди од канцеларија во канцеларија и се поздравува со сите вработени. Истиот потег го направил и во двете министерства, за образование и за здравство. Тоа трае, сѐ додека сѐ е под негова контрола. Како што повеќе се вкотвува на функцијата, така постепено почнува да ги игнорира вработените.

Колку функции и да сменил досега, Тодоров уште од 2006 година со себе ги води своите верни сенки, неговиот шеф на кабинет Ангел Митевски, кој, исто така, има функции во неколку управни одбори, како и Јован Грповски, кој една година беше директор на Фондот за здравство. Тие двајцата и целата група од советници се неговата проверена екипа, па лесно се адаптираат на новите работни места. Еднаш се „експерти“ за образование, друг пат „експерти“ за здравство.

Друга карактеристика за премиерот и владините министри е тоа што никогаш не излегуваат на дуел со своите противници, а на интервјуа, очи в очи со новинарите, се појавуваат само во провладините медиуми, со веќе нарачани прашања. И тука, пред неколку години, Тодоров изненади.

Во времето кога беше министер за образование, тој се појави на интервју кај Оливера Трајковска, што на некој начин го направи поразличен од колегите. Но, како што одминува времето, така и Нино почна да ги доусовршува техниките на пропагандата. Сега единствено се појавува во емисиите на Миленко Неделковски и Јанко Илковски, а редовен гостин е и во информативните емисии на провладините Сител и Канал 5.

Секоја втора недела на министерот за здравство „Фокус“ му испраќа барања за интервју во неделникот. Тоа трае речиси две години. Но, оттогаш досега, на ниту едно наше барање нема повратен одговор.

timthumb (1)

САКА ДА ШТРАЈКУВА, НО НЕ ТРПИ ШТРАЈК

Во далечната 1997 година, амбициозниот Тодоров ја почна својата славна кариера со штрајк против формирањето студии на албански јазик на Педагошката академија. Заедно со него, во тоа време штрајкуваа Влатко Ѓорчев, кој сега е пратеник од редовите на ДПМНЕ и Филип Петровски, актуелен заменик-директор во Државната лотарија.

Но, по 17 години, министерот Тодоров судски забранува штрајкови и го урива уставно загарантираното право на штрајк! Иако и тој пред многу години бил незадоволен и штрајкувал, сега кога е на власт , не може да сфати како професорите или лекарите своето незадоволство го изразуваат преку штрајк. Нели, за сѐ има социјален дијалог?

Откако Тодоров стана министер за образование, почна „реформаторскиот“ процес во овој сектор. Тамам седна на министерското столче, тој почна да ги применува своите правнички вештини и да крои нови измени во законите, кои предизвикаа револт. Така, во 2010 година, дел од професорите протестираа против измените во Законот за високо образование, со кои се вршеше упад во автономијата на универзитетите. Не само што протестираа, туку побараа и негова оставка. Нормално, тоа не се случи.

Но, Тодоров не е Тодоров ако не изненади. И, да повториме, во тој период тоа го правеше поразличен од сите други вмровски министри. Во моментот кога почна протестот на професорите, додека тие собрани ја пееја универзитетската химна „Вива академија“, министерот се појави пред нив. Изненаден од одлуката да протестираат, Нино дојде спремен да ги сослуша нивните маки. Го обвинија дека им го нарушува професионалното достоинство и дека треба да си поднесе оставка.

Министерот само кратко им одговори:

Јас понудив отворен разговор, иако можев веднаш да го ставам законот во собраниска процедура. Оставив простор за сите аргументи

Само еден час порано, студентите организирани од владејачката партија излегоа на контрапротести и в лице им кажаа на професорите дека нивното место е на факултетите, да шират знаење меѓу студентите. Тие, дури, ги обвинија професорите дека се организирани по партиски налог и дека бараат правда, за нешто што нема потреба. Тодоров се подружи некое време со  професорите, им вети решавање на проблемите и за кратко време го протна Законот за високо образование во Собранието.

ЕДИНСТВЕН МИНИСТЕР ШТО ЗАБРАНИЛ ШТРАЈК

Само една година подоцна, на 5 јуни 2011 година се одржаа предвремените парламентари избори, на кои победата повторно ја однесе ВМРО-ДПМНЕ. И во новиот состав Тодоров остана министер, но овојпат за здравство. Тој продолжи со уште позасилено темпо да ги спроведува „реформите“.

Уште првиот ден кога седна на министерското столче, Тодоров го облече белиот мантил и почна да им дели лекции на лекарите и на медицинските сестри. Се однесуваше исто како да завршил Медицински факултет. Сепак, по потреба се враќаше на својата правничка професија и штанцаше закони.

Прагот на Министерството, Тодоров го пречекори летото 2011 година. Министерот веднаш одлучи да стави сѐ под конец, па само за два месеца откако го презеде кормилото во здравството почна да лови лебарки по скопските клиники и по болниците низ земјава. Толку сериозно си ја сфати работата, што почна да прави коренити промени. Се случуваше во вечерните часови да упадне ненајавен во некоја болница, со намера да ги улови лекарите и медицинските сестри што пушат внатре во просториите или спијат додека се на работа. Тоа се случуваше во повеќето болници, а секогаш беше следен од будното око на провладините медиуми. Додека министерот влегуваше во болницата, камерата снимаше. Лекарите што згрешиле првпат, добиваа опомена, вторпат шут-карта.

Тодоров беше толку активен што не можеше да му се фати крајот. Неговата хиперактивност до израз доаѓаше и во забавните емисии, каде што честопати беше имитиран и претставуваше предмет за потсмев. Тој дури промовираше и нови пижами и душеци, што е логично да се купат, без да се прави специјална промоција за тоа.

Немаше Нино да биде толку посебен, ако неговите секојдневни изуми не завршеа на страниците на „Вашингтон пост“. Пред две години министерот објави оглас за советници за Комитетот за сложени анализи во Министерството. Огласот осамна во дневниот весник „Дневник“. Во ресорното Министерство требаше да се пријават сите оние генијалци кои имаат коефициент на интелигенција над 140, според рангирањето на Менса. За огласот се крена голема фама во јавноста, бидејќи Тодоров и тука беше единствен. Некои обвинуваа за дискриминација, други за местенки, трети се потсмеваа, но оттогаш до денес министерот сѐ уште не ги пронајде најпаметните советници кои требаше да му делат совети за плата од 3.000 до 5.000 денари. Никој не знае што всушност се случи со овој проект. Дали некој го искара Тодоров дека претерал, или можеби самиот виде дека направил глупост?

Најчудно во карактерот на министерот е тоа што претставува магнет за штрајкови и протести. И во ресорот здравство тој нѐ го избегна штрајкот. Сѐ почна откако по налог на премиерот, министерот конечно го спроведе проектот „плаќање по успешност“, во кој лекарите добиваат плата според сработеното. Од друга страна, тоа предизвика револт кај лекарската фела, па тие се одлучија на порадикален чекор, најавија генерален штрајк. Тогаш на површина излезе ароганцијата на министерот.

Со помош на Основниот суд Скопје 2, тој, експресно, за два дена го забрани штрајкот на околу 1.200 лекари-специјалисти, со што стана прв министер во историјата на Македонија кој со судска одлука забранил штрајк. Но, лекарите не попуштија. Со нова одлука тие се кренаа на нозе и 52 дена штрајкуваа.

Сепак, искуството си го направи своето. Речиси 20 дена министерот ги игнорираше белите мантили, па, за да му го привлечат вниманието, тие се преселија пред ресорното Министерство. Си залепија плакети „невидливи“ и секојдневно дефилираа пред неговиот кабинет. Дури и му посветија книга „Невидливиот доктор Никола Тодоров“.

По некое време, штрајкувачите се преселија пред Владата. Откако првиот човек во здравството виде дека не може да се разбере со нив, и покрај заканите, притисоците, најавите за откази, анонимните писма, реши да разговара очи в очи. Неколкупати седнаа на преговарачка маса, но проблемите продолжија да тлеат. Некако успеа да ги убеди дека ја добиле „битката“, при што лекарите ставија крај на 50-дневниот штрајк.

Тие го послушаа, но дали тој ги послуша нивните забелешки? Во новиот анекс колективен договор беше ставено сѐ спротивно на веќе договореното. За кратко време и овој штрајк беше задушен.

timthumb (2)

КАЗНИТЕ СЕ НЕГОВ ЗАШТИТЕН ЗНАК

Казнената политика стана тренд на оваа влада, па следејќи го овој тренд, и министерот Тодоров секојдневно носи закони или прави измени во веќе постоечкиот Закон за здравствена заштита, во кој како печурки никнуваат драконски казни од по неколку илјади евра. Казните станаа негов заштитен знак.

По негов директен налог, околу 1.000 лекари-специјалисти мора да одат на обука во странство, во спротивно ќе следуваат казни и назадување во работата. Со измените во Законот за здравствена заштита се предвидува дека секој доктор е должен да оди на обука. Ако случајно одбие, тогаш ќе се соочи со глоба од 5.000 до 7.000 евра. Според законот, откако лекарот ќе отиде на доусовршување, потоа потпишува договор дека во наредните три години нема да го напушти јавното здравство. Доколку се случи да си замине порано, тогаш е должен да врати вртоглави 25.000 евра!

Единствено по што ќе остане запаметен Тодоров се казните што ги спроведува веќе три години, а од сега ќе им става и локатори на лекарите, за да ги следи во секој момент, каде што се движат.

За два мандата во здравството, од вкупно три години, Тодоров го „реформираше“ целиот здравствен систем. Барем на хартија. Но, како и да е, мора да му се подаде рака за енергијата што ја вложува, иако досега нема позначајни ефекти.

Напротив, со секоја нова „реформа“ настанува хаос во здравството. Факт е дека тој сака да ги следи здравствените системи во другите земји, но условите во Македонија не го дозволуваат тоа. Проектот „Мој термин“ е преземен од германскиот здравствен систем, каде што идеално функционира. За разлика од таму, кај нас целиот систем доживува колапс. Пациентите не ги почитуваат термините, на нивно место не можат да влезат други пациенти, а изгубените часови се наплаќаат од џебовите на лекарите. Исто така, Тодоров е тој кој пресече дека во рок од пет часа, лекарите треба да прегледаат дури 30 пациенти, со што докторот на еден пациент може да му посвети само 10 минути од своето време. Кога ќе успее за ова кратко време да го прегледа, да даде дијагноза и плус да ги заврши административните обврски?!

Како поминуваат деновите, така министерот за здравство доаѓа до се покреативни идеи. На ред дојде и проектот „Ало докторе“, каде на отворена телефонска линија секојдневно се јавуваат пациенти, а од другата страна на линијата има дежурен лекар кој им дели совети. И тоа беше малку, па министерот се модернизираше и отвори фан-страница на Фејсбук за здрава бременост. И на таа страна секојдневно ќе дежура по еден гинеколог, кој ќе им дели совети на идните родители.

Да не набројуваме колку од најавените проекти пропаднаа! Битно е дека министерот го има секој ден на телевизија, а нормално, тоа е најважно. Еден од пропаднатите е и проектот „100 најдобри лекари“, според кој, Министерството за здравство секој месец требаше да наградува 100 лекари по 500 евра за сработеното од претходниот месец. Тоа траеше само неколку месеци, а повеќето од лекарите кои добија пари беа вмровски кадри. Наеднаш, проектот се укина.

Еден по еден се редеа проектите. Се најавија слободни здравствени зони за странски инвестиции во здравството и болници во кои нема да можат да се лекуваат домашни пациенти, кои треба да почнат од 2017 година, неколкупати досега се реконструираа болниците, иако според реакциите на лекарите повеќето од нив се во распад, со стара опрема, без доволен кадар. Долговите на болниците достигнаа вртоглави 50 милиони евра, со што може да дојде до исклучување на струјата, водата и парното.

Поради тешките услови за работа, во времето на Тодоров, за овие три години околу 700 лекари ги напуштија болниците и заминаа во странство, а тој речиси секоја година вработува божем по 800 нови лекари. Така барем се фали.

Мораме да нагласиме дека Министерството за здравство во последните неколку месеци се претвори во Министерство за создавање болести. Откако се појави опасната бактерија листерија, здравствените власти прогласија епидемија на жолтица, па се појавија неколку случаи на западнонилска треска, за на крај да се појави страшната вест дека Британец починал од смртоносната ебола. Тодоров се решаваше по кратка постапка. Набрзина „откри“ и прстот на вина го посочи во кумановската компанија „Екстра меин“, која, според него, е главниот виновник за заразените пациенти од листерија. А, да не заборавиме дека за еболата „најде“ лек за само 24 часа.

Како и да е, на неговите бисери им нема крај. Овие неколку страници се малку, потемелно да ја опишеме кариерата на хиперактивниот министер. Но, текстот ќе го завршиме со прераскажување на едно видео, по кое може да се забележи колку министерот навлегол во улогата на лекар-специјалист.

Пред неколку месеци Тодоров беше во посета на охридската општа болница. Тој на лекарите почна да им објаснува како да научат да оперираат – со помош на симулатор, нешто што го пробал и самиот. Тој ова го спореди со видеоигра, но рече дека имал перфектен резултат, што значи дека може да почне слободно да оперира. Правникот Тодоров – видеохирург!? Мислам дека е доволно. Ова кажува сѐ.

ЏИУ ЏИЦУ ВО ЗДРАВСТВОТО

Меѓу министрите во владата на Груевски, Тодоров е единствениот кој поседува дипломи за достигања во областа на спортот. Тој е поранешен ватерполист, голман и светски првак во јапонската вештина џиу џицу. Во 2006 година Тодоров бил светски шампион во оваа боречка вештина и освоил златен медал во Вијареџа, Италија.

„НАЈСИРОМАШНИОТ“ МИНИСТЕР ВО ВЛАДАТА

Министерот за здравство влегува во групата посиромашни министри, според тоа што го покажува неговиот анкетен лист. Според податоците, тој има само автомобил „тико“, кој вреди 40 илјади денари. Исто така, заштедил 10 илјади евра и на платежната картичка има 2.500 евра.

Поврзани новости