Пишува: Наташа СТРУМЕНИКОВСКА
Слушајќи ја националистичката реторика на владините медиуми, со “орнаменти” како знаме, име, кичма, федерализација и слично, а паралелно гледајќи ги очајните обиди за апсење и заплашување на народот освестен, од страна на бандата на власт, убедена сум дека за брзо врхушката на дпмне ќе биде приморана да се согласи на отстапки во врска со изборите. Ама големата слика, ако може да изгледа дека малку отстапки направил и СДСМ со опозицијата, за да има што да им работи пропагандата идниот период, мора друг да им е виновникот за повторното поместување на бетонираниот датум на изборите.
Оставка на Иванов и повлекување на аболицијата, како влог на ДПМНЕ, претпоставувам во замена за согласност на опозицијата за предвремени претседателски и парламентарни избори наесен во пакет. Претпоставувам, затоа е денешниот итен состанок на еден од преговарачите од меѓународната заедница со еден претставник од секогаш разумната и мудра опозиција, а на маса земи или остави, или ќе ве биде или нема да ве биде како држава, без пари ќе сте, изолирани и со одземена препорака, затоа добро мислете за идните чекори. Само велам, појма немам дали ќе е така. А тоа, веројатно не е се.
Техничката или преодна влада и малку повеќе време нема до крај да го решат проблемот со оваа состојба, ама ќе ја намалат тензијата и сигурно ќе ја забрзаат разврската на кризата, ама се плашам дека ќе ја ослабнат револуционерната силина на улицата и дека ќе го намалат гневот на народот, а тоа не смее да се случи сега. Ни треба таа заедничка енергија. Повеќе од секогаш, бесценето е тоа.
Но разумот и искуството ми вели, дека освен институционално, на избори, тешко дека ќе го срушиме овај режим од улица, без жртви и со мирни протести без радикализам. А тоа никој не го посакува. Сега е моментот кога заеднички се носи одлука и потребна е најголема искреност и ТРАНСПАРЕТНОСТ на СДСМ со сите инволвирани во оваа заедничка битка за Македонија. Чесно е, како и досега, за сите политички чекори и одлуки на опозицијата во иднина да биде информирана целата јавност и сите решенија да бидат заеднички со претставници на организаторите и народот кој протестират во цел овај изминат период, за слобода, демократија и правда. Немаме Парламент, немаме владение на Устав и закон, си имаме корумпирана и криминална власт, мора да се воспостави повторно уставниот поредок и ред, да се даде шанса на СЈО да ја доврши работата, но со некој Специјален а не овај послушен партиски Суд. И да бидеме начисто, не е ова борба за власт, туку единствен начин да се одземи моќта и власта од бандата која ја киднапира Македонија. Освен ако не сакаме анархија, наместо парламентарна демократија како општествено уредување.
Времето ќе покаже, можеби грешам, кој знае. Едно знам сигурно, никогаш понизок не бил рејтингот на дпмне, никогаш не била пообединета опозицијата и никогаш толку неопределени не биле гневни на оваа власт и немале толку желба да излезат на гласање да ја казнат неправдата и дрскоста на власта. Се надевам дека и сите учесници во овај процес, од сите партии и националности, ќе бидат составен дел на идната власт без дмпне. Изборите да бидат што поскоро, затоа што ни до 2017-та ни список, ни медиуми ќе средиме, илузија е тоа со оваа власт, која и министри од опозиција развластува, договори од Пржино не почитува, со контрапротестанти манипулира, заплашува луѓе и нема политичка култура, ни кодекс ни морал и чест.
Да почнеме да градиме држава од почетот. Да ги вратиме мирот, слободата, демократијата, благосостојбата, економската стабилност и угледот на нашата земја во светот.
Македонија е се што имаме.