Политичарите ветуваат, друг остварува: Боки 13-ка го згрижи малиот Лука!

by fokus

Бојан Јовановски, познат како Боки 13-ка, го направи тоа што политичарите најчесто го ветуваат, но ретко го остваруваат, или пак им се потребни месеци и години за да направат некој чекор. Откако ја слушнал приказната за семејството Симонови од Свети Николе, родители на десеттина дена старото бебе Лука, кои што живееле во мизерни услови, и со социјална помош од околу 1.200 денари не можеле дури да купат млеко и пелени за бебето, тој веднаш решил да реагира. Денес, Боки го пресели семејството во нов и удобен стан, а родителите не можеа да веруваат на неговата хуманост и добрина, па со солзи радосници тргнаа во нов живот.

-Нема што да се збори, ниту да се чека кога се вакви случаеви во прашање. Веднаш се ангажирав и успеав да обезбедам стан во Штип за ова семејство. Лука сега ќе живее со своите родители во комплетно опремен стан од околу 80 квадрати. Киријата и сите сметки за нивниот дом се покриени во рок од една година. Да се надеваме дека нивната скромна куќа до тогаш ќе биде санирана и во неа ќе има услови за нормален живот, како што им ветија општинските власти во Свети Николе. Ова бебе и сите деца на светот заслужуваат топол дом, кров над глава, храна, облека, играчки, безгрижно детство – ни изјави Боки, кој што е соработник во проекти на ЕУ во изминатиот период.

Тој додава дека срцето му е исполнето затоа што им помогнал на овие луѓе кои што заслужувале среќа и радост, а не грижи и солзи уште со самото раѓање на нивното бебе.

-Може да се градат споменици, а не и кров над глава за нашето најголемо богатство – децата. Како да го сфатиме и оправдаме тоа? Нема што повеќе да кажам, делата зборат, и моите и оние на политичарите – изјави за Фокус Боки, кого пошироката јавност го смета за контроверзен и неретко се прават шеги на сметка на неговиот моден стајлинг.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости