Дивна Пешиќ се вклучи во акцијата за Велјановска: Душата ме боли за Маја!

by fokus 16:41
16:41

Шампионот во стрелање и ликовен уметник, Дивна Пешиќ-Гроздановска, која веќе неколку години наназад живее и твори во Америка, трогната од апелот за помош на новинарката Маја Велјановска објавен пред неколку дена во Фокус, ја контактираше нашата редакција, за да даде свој придонес за нејзиното лекување. Веднаш штом ја прочитала веста дека на Маја и се потребни парични средства за лекарски третман на клиниката Герсон во Унгарија, таа решила да донира една од своите уметнички слики.

-Многу ми е жал за ова што и се случува на Маја. Сакам од се срце да помогнам, но бидејќи сум далеку од Македонија, моите родители без проблем ќе донесат една од моите уметнички слики во Скопје, а средствата од нејзината продажба ќе бидат уплатени на жиро сметката на Велјановска. Ракот е ужасна работа, не одбира години, може да му се случи секому. Веста навистина ме трогна, се надевам дека се ќе се среди, дека Маја ќе оздрави побргу и апелирам сите кои што се во можност да и помогнат на оваа прекрасна мајка и жена – вели Дивна.

- Advertisements -
Banner Renault 300x250

Нејзината уметничка слика деновиве ќе биде доставена во Скопје кај колеги на Маја, кои на разни начини се обидуваат да помогнат. Веќе се организираа неколку изложби и продажба на фотографии од фоторепортери со кои Велјановска работела во минатото, а собраните средства се уплатени на нејзината жиро сметка.

Дивна, која што по потекло е од Кавадарци, живее во Њу Џерси, Америка, со сопругот Блаже и синовите Стефан и Виктор. За своите уметнички дела, изработени во техника масло на платно, често пати учествува на изложби, а минатата година ја доби наградата Американ Арт. Исто така, пред неколку месеци имаше самостојна изложба во галеријата Лена ди Ганги во Тотова, која привлече голем број на посетители и и донесе многу позитивни критики.

Како мало потсетување, Маја боледува од канцер на коските, а лекувањето во Унгарија изнесува околу 15.000 евра. Сите кои што сакаат и се во можност да помогнат, можат да донираат на следната жиро сметка 210 700000633061 Тутунска банка, за Маја Велјановска, со назнака донација. Телефоните за донации сеуште не се активирани.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости