Реакција на
Гојко ЈАКОВЛЕВСКИ
Повод: „И патриотизмот, ако лошо се спроведува, може да ја доведе сопствената нација и држава до катастрофа“, Фокус бр. 943, од 1 ноември 2013 година
Претходните текстови од полемиката:
(1) „ВМРО длабоко се пасивизира во времето на НОБ“, колумна на Стојан Андов.
(2) „Илинденците се бореа во НОБ − ВМРО беше со фашистите!“, реaкција на генерал Тодор Атанасовски.
(3) „Вистинското прашање од Втората светска војна“, реакција на Љубчо Георгиевски
(4) „Историјата како гума за џвакање“, реакција на Бошко Нацоски
(5) „Големите сили единствени – обединета Македонија, невозможна“ , реакција на д-р Никола Чингоски
(6) „И патриотизмот, ако лошо се спроведува, може да ја доведе сопствената нација и држава до катастрофа“, колумна на Стојан Андов
Со големо внимание и интерес, години по ред, ги читам текстовите во вашиот и нашиот „Фокус“ и сум задоволен од содржините кои ги третирате, како и од нивниот квалитет. Ги читам и колумните на г-дин Стојан Андов, како жив сведок на политичките настани во поновата македонска историја, кои се мошне интересни. Сепак, за некои од нив имам сопствено мислење и гледиште и не секогаш се согласувам со неговите констатации и ставови.
Во однос на полемиката што Андов ја води со генерал Тодор Атанасовски за секретарот на ПК на КМП Методија Шаторов – Шарло, имам забелешки. Во овој текст, Стојан Андов со изнесените мислења и ставови, по сите изгледи, не може да се ослободи од ликот и делото на другарот Лазар Колишевски. И по 13 години од неговта смрт, Андов се уште се плаши од неговата сенка или, пак, во прашање е задолжувањето на Колишевски во градењето на стојановата политичка кариера во тогашна СФРЈ. Па, на овој начин му се одолжува!?
ШАРЛО СЕКОГАШ СЕ ИЗЈАСНУВАЛ ЗА МАКЕДОНЕЦ
Во писанието, Андов го фаворизира Колишевски, при тоа не водејќи сметка дека со тоа ја изопачува историјата, ја искривоколчува вистината за чувствителен историски период од создавањето на македонската држава, во годините пред почетокот на Втората светска војна. Го величи Колишевски, а го оцрнува првиот секретар на ОК на КПМ Шарло и му импутира невистини и лаги, само за да го дискретидира. Како да се коментираат следните реченици во споменатиот еткст, потпишан од Андов:
„Да сме имале несреќа во 1941 година победа да однел Шарло, тогаш во Македонија ќе немаше антифашистичка борба или ќе ја имаше како што ја имаше во Бугарија. Антифашистичката борба во Југославија, партизанското движење и народноослободителната војска на Тито, ја претворија Југославија во силен антифашистички фактор и во рамноправен сојузник во антифашистичката алијанса. Ако се остварела линијата на Шарло, Македонија, откачена од Југославија и приклучена кон Бугарија, на крајот на војната ќе ја доживееше судбината на победена земја, бивш сојузник на Хитлер…“.
Не, г-дине Андов. Тоа се ваши тези и претпоставки, бидејќи историската вистина е поинаква. Без никакви аргументи, му лепите етикети на Шаторов дека бил опортунист, саботер, но со неговиот однос кон клучните моменти на развојот и создавањето на македонската држава се залагал за остварување на идеалот на Илинденците за независна и обединета Македонија. Со писанието настојувате на јавноста да и сервирате невистини, а заслугите му ги препишувате на Митре (псевдоним за Лазар Колишевски).
Вие не можете да се ослободите од левичарите, срцето таму ви е застанато и јас немам против, тоа е ваше право. Меѓутоа, како искусен политички аналитичар и долги години учесник во политичкиот живот во Македонија и во поранешна СФРЈ, треба објективно да ги гледате историските факти, да ги коментирате и да ги изнесувате. Во текстов ќе изнезам податоци и факти кои говорат спротивно на вашите констатации за Шаторов.
1.Пред почетокот на Вторатата светска војна, од тогашниот режим Шарло беше прогласен за бугарски ориентиран , односно за бугароман. Меѓутоа, во прогласот што го издаде ПК на КПМ на чело со Шарло оваа измислица беше целосно демантирана: „Господата од Белград и Софија спорат за Македонија, а македонскиот народ ич не го питаат. Тие поробители на Македонија имаат тепегјозлук да зборуваат оти македонскиот народ бил српски, бил бугарски и оти Македонците немаат историја, јазик и др. Македонските поробители лажат – во суштина, Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари, а се само Македонци“.
2.Шарло бил водечка личност на ВМРО (Обединета) и водач на комунистичкото движење во Македонија. Како висок политички функционер во македонските партии, тој секогаш се залагал Македонија да биде самостојна и обединета држава на македонскиот народ. Според документитекои откриени во Коминтерната, Шарло постојано се изјаснувал како Македонец и е еден од најзаслужните во тоа време што Коминтерната и БКП го признале постоењето на македонскиот народ.
ТАБУАТА ЗА ПРВИОТ СКОПСКИ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД
3.Конфликтот меѓу КПЈ и Тито од една страна и Шарло настанал поради тоа што Шаторов постојано ја истакнувал и ја поддржувал борбата на македонскиот народ за обединување. Титовиот концепт беше класен и се базираше на сојуз на работниците и селаните, утврден на Петата земска конференција, оддржана во Загреб. Но, Шарло се залагал за широк концепт, во македонскиот револуционерен народен фронт да влезат сите слоеви на македонското општество, селани, работници, интелектуалци и средната буржоаска класа. Националното прашање на Македонците, за него било прашање над прашањата.
4.Се до 1971 година, постоеше табу за да се отвори расправа и отворено да се говори за формирањето и улогата на Првиот скопски партизански комитет, кој бил формиран на 22 август 1941 година, кој имал неколку вооружени акции-во рудникот за хром Радуша, на аеродромот Скопје и врз неколку локомотиви. Според учесниците во одредот, кои во 1971 година проговориле на трибини, отворено ја кажале вистината дека причината за табуизирањето на Скопскиот партизански одред била врзана за улогата на Шарло во комунистичкото и националното движење на Македонија и неговиот судир со раководството на КПЈ, односно Колишевски.
Исто така, неистакнувањето на улогата на Одредот било и дел од пресметката меѓу Тито и Шарло. Одлуката за формирање на партизански одред и за оружена борба ја донела Месната организација Козле (Скопје), веднаш по нападот на Советскиот сојуз (22 јули 1941 година). Кога одлуката била донесена присуствувале организацискиот секретар на ПКМ Перо Ивановски – Тиквар и секретарот на Градскиот комитет Коце Металец. ПК на КПЈ за Македонија формирала воена комисија на чело со Шарло и веднаш одредот започнал вооружено да дејствува.
Се до август 1971 година, дури триесет години по формирањето на одредот траело ембаргото што го ставил Колишевски и не смеело да се говори се додека не било тргнато. Тогаш, Ќамуран Тахир, македонски првоборец, јавно го поставил прашањето зошто се минимизира улогата на скопскиот одред и зошто како почеток на востанието се смета 11 октомври? Историската наука ќе мора врз фактите да ја процени улогата на Шарло и во формирањето на Првиот скопски партизански одред.
5.Шаторов доставил информацијата до Коминтерната за се што се случува околу него: „Одлуката на ЦК на КПЈ за мое исклучување е престрога и диктирана, од една страна, од лошата партиска процена за мојата партиска работа, а од друга страна, е засновата на клеветите на другарот Митре и одредени интелектуалци, кои со цел да дојдат до партиски позиции бараат покритие за својата работа, не застанаа ни пред фактите што ги изнесовме и затоа за мене е ужасно постоењето на Митре, кој се служи со клевети во мое отсуство, и тој не заслужува да биде член на партијата, гледајќи дека ми припишува мене се што е антипролетерексо, антикомунистичко и антипартиско однесување“.
Во извештајот се изнесени и оценките на Шарло што ги дал за Колишевски: „Митре и другите собирале податоци за неговата работа без да имаат соодветни квалитети. Јас само ја сигнализирам таа непартиска постапка на Митрета и ги бранам интересите на партијата и на револуционерното движење“.
ЛАЗО СЕ ОДНЕСУВАЛ НАДМЕНО И ПРЕПОТЕНТНО
Шаторов бил обвинет дека неовластено македонските комунисти ги приклучил кон Бугарска комунистичка партија, дека дал директива да не се собира и да се предаде оружјето на окупаторот, дека го опструирал кревањето на македонското востание. Шарло ги негирал сите обвинувања.
Во информацијата до Коминтерната, Шарло се жали дека не верувал оти по 22 годишна партиска работа ќе биде исклучен и дека тоа многу го мачи.
Во ноември 2005 година на научниот собир на Институтот за национална историја тој беше рехабилитиран, па според пишувањето на „Утрински весник“ (број 1940 – 26 ноември 2005 година), Шарло не бил предавник, туку голем македонски патриот и дека многу нешта од неговата дејност се прикажале во искривена светлина и приклучувањето на ПК кон БРП било одлука на Коминтерната, а не на Шарло, за што е обвинуван.
За тоа што се случувало навистина со македонските комунисти во првата година на војната, на научниот собир говореше и најрелевантниот жив сведок на тие настани Перо Илиевски – Тиквар, кој бил организациски секретар на Покраинскиот комитет, на чие чело бил Шарло. Нагласувајќи дека обвинувањата против Шарло не се на место, Ивановски рече дека Колишевски кога дошол во Македонија во мај 1941 година им објаснил дека дошол да помогне, а не да спроведува одлуки на ЦК на СКЈ за смена на Шаторов. Според Ивановски, Лазо тогаш се однесувал надмено и препотентно, од позиција на претпоставен (ист извор – Утрински весник).
Неуморниот трагач по историски документи, д-р Зоран Тодоровски, директор на Државниот архив, од архивите на државата и од соседните држави пронашол значајни документи за активностите на Шарло. Пред неколку месеци тој ги објави во „Зборник Методија Шаторов – Шарло, документи и материјали по избор, предговор и редакција на д-р Зоран Торовски“, во кој се објавени 105 документи и 45 материјали, реферати, прогласи и статии.
Шарло беше една од најмаркантните личности во Македонија. Во овие 68 години, по неговата смрт, тој е занемаруван и за него се зборуваше само во негативна конотација. Причината се бара во претходниот систем, кој поради одредени политички интереси се маргинализираше, ќе потенцира Тодоровски во интервјута за медиумите.
Исто така, истакнуваше дека со децении стоеше дека Шарло е предавник, шовинист и стар Бугарин. Историчарите кои ова го пишуваа, доколку им беше дозволено да ѕирнат во историските документи, ќе можеле да видат дека тој уште во 1924 година во документот за историјата и суштината на ВМРО (Обединета) веќе имал изградено чиста позиција и програма за Македонија.
ШАРЛО БИЛ ПРОТИВ ДИКТАТУРАТА НА ЦК НА КПЈ
За политичките емигранти од Македонија, кои живееја и политички беа активни во македонските политички здруженија во државите во Западна Европа, Шарло секогаш бил и останал голем македонски син кој се борел за обединета македонска држава и деклариран Македонец.
Најголемиот македонски дисидент на 20 век, Драган Богдановски, таткото на ВМРО-ДПМНЕ, во брошурата „Москва, Тито и македонското национално прашање“, објавена во 1964 година во Франфурт на Мајна, во рамките на едицијата „Библиотека Македонска лоза 5“, прави детална анализа на дејствувањето на Методија Шаторов – Шарло во ВМРО (Обединета), во комунистичкото движење и судирот со Тито.
-Не е вистина дека огромното мнозинство од членовите на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија во 1941 година биле за спроведување на линијата на ЦК на КПЈ и дека против таа линија било само едно малцинство со Шарло. Историската вистина која се гледа од историските документи на КПЈ потврдува дека целиот Покраински комитет бил со Шарло и против линијата на Тито, за кое нешто бил целосно сменет од Тито и исклучен од КПЈ.
-…Шарло бил против диктатурата на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија, а неговото мешање во внатрешните и националните работи на Македонците е уште поголема историска вистина. Гревот на Шарло што југословенските комунисти никогаш не можат да го заборават е тоа што тој гледал во едно обновување на Југославија нов јарем за Македонија. По неговото убедување, обединувањето на распарчена Македонија не може да се реализира во Југославија, затоа и тој го отфрла програмот на Комунистичката партија во Југославија за една обединета, целокупна „Советска Македонија“. За овој став, Шарло беше исклучен од членството од КПЈ заедно со целиот Покраински комитет и заменет со србоманот Лазар Колишевски…“
Научниците треба да продолжат со анализирањето на фактите и доказите за првиот секретар на ПК на КПЈ, за годините меѓу двете светски војни, се со цел да се дојде до вистината. При тоа, да не се величат личности кои тоа не го заслужиле, а други да се оцрнат бидејќи во некое време така посакувал режимот за тие да избијат на чело.
Историчарите ќе треба да ја препрочитаат македонскиот историја во минатиот век за да нема недоразбирања и паушално да се изнесуваат мислења со што некој се издигнува до небеса, а други се оцрнуваат и се класифицираат како предавници и им ја менуваат македонската определба со друга.