Текстот е објавен на 15-ти јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 837.
Разговарала
Јадранка КОСТОВА
ФОКУС Во неколку наврати јавно реагирате на една „јавна тајна“ – дека кај нас наголемо е отворен пазарот на купување дипломи и тоа за доктори на науки. Искажувавте и надеж дека нешто ќе се промени после Вашиот „протест“! Фактот дека ги повторувавте работите, доволно кажува дека нема реакција од оние што би требало да ги истражат ваквите криминали.
КЕКЕНОВСКИ Јас во повеќе наврати се обидувам „да им ги отворам очите“, односно да ги мотивирам институциите на системот, конечно нешто да превземат против оваа голема аномалија. За мене е непримерено и една држава не смее да дозволи на така лесен начин да се добива највисока научна титула. Освен тоа што добиваат „научно звање“ после тоа овие лица добиваат и наставни звања, што е уште пострашно.
ФОКУС Каде најчесто се купуваат научни докторски титули?
КЕКЕНОВСКИ Главно во блиското соседство, во Бугарија, Србија, Албанија, но и во Украина. Тоа се 4-те држави од каде што преку ноќ добивме најмногу „увезени доктори на науки“. Јас знам 30-тина вакви „доктори на науки“ а добар дел од нив се вработени во приватните и државните институции. Сите знаат дека тоа е така, односно сите се сомневаат во начинот на кој тие се закитиле со научни титули, но молчат. Имате случај, каде што едикојси магистрирал во јуни-јули месец и веќе кон крајот на истата година, ви носи докторска диплома увезена од странство. Иако сите негови колеги знаат дека се работи за купена диплома, сепак молчешкум гласаат за негов избор во звање доцент! Но она што е уште пострашно е зошто ваквите купени дипломи толку лесно се нострифицираат во Министерството за образование.
ФОКУС Значи проблемот е во оние кои ги ностифицираат?
КЕКЕНОВСКИ Прво треба таму да го бараме проблемот – зошто така лесно се нострифицираат ваквите дипломи? Колку пати „докторот“ отишол, колку пати излегол, влегол во државата? Јас не знам држава каде што вие можете да докторирате за 6-7 месеци или за една година. Каков Универзитет е тој кој што ќе ви даде таква диплома?
СОФИСТИЦИРАН КРИМИНАЛ
ФОКУС Според некои шпекулации 15 илјади евра била цената за купување на докторска диплома?
КЕКЕНОВСКИ И според моите сознанија цената е околу 15 илјади евра, со тоа што ја добивате преку сила за една година, може и побргу, и со тоа станувате доктор на науки. Ја носите овде, едноставно ви ја нострифицираат и штом ви е нострифицирана, потоа можете да се јавите на конкурс на факултетите.
ФОКУС Сепак не е проблем само во државите „извозници на научни титули“, туку постојат сериозни сомнежи дека согласно рекламата „купувајте домашни производи“ дека и домашниот пазар функционира за факултетски дипломи и магистерски титули?
КЕКЕНОВСКИ Се повеќе се слуша дека на приватните факултети се земаат дипломи, со тоа што шемата е мошне јасна. За одредена сума на пари, незнам колкава е, различно се движи, ве запишуваат наназад, се водите како студент да сте биле две години поназад, година дена поназад или 7-8 месеци, во зависност од тоа колку испити ви останале, за да можете да го решите тоа. И тоа е еден софистициран криминал.
ФОКУС Добро, Вие јавно сте ги регистрирале ваквите аномалии, но министерот за образование Тодоров не реагирал?
КЕКЕНОВСКИ Не ми е јасно зошто овој министер не реагира, бидејќи во последната колумна што ја насловив „Научен геноцид“ потоа лично го побарав. Му реков: Министре, ја прочитавте ли колумната, ќе превземете ли нешто? Тој ми порача да му ја пуштам на меил, па тоа и го направив. Но одговор не добив.
ФОКУС Имате ли реакција барем од колегите од факултетите каде што сте лично ангажиран? Или, можеби, од ректорската управа?
КЕКЕНОВСКИ Половина од колегите ми се налутија, демек не требало да се вади извалканиот веш во јавност. Им реков: Господа, колеги, вие треба да се срамите, а не да ми се лутите. Од друга страна, други колеги ми пристапуваа со честитки: Браво професоре, одлично, имате храброст. Е што вреди храброста ако остане само на тоа?
ФОКУС Во еден демократски систем нормално е да се крене гласот, да се направи притисок врз институциите за да си ги презвамат одговорностите што ги имаат по законот.
КЕКЕНОВСКИ Тоа е всушност и силата на јавното мислење. Од една страна важно е да го анимираме ако е заспано, но, за жал, кај нас тешко е да го разбудиш. Затоа и многу спијат овие наши институции.
ФОКУС Зошто не ги именувате докторите на науки со купени дипломи? Еве, кога веќе ќе посочите: „поранешен ложач на парно во еден град во внатрешноста, сега е прв професор на приватна образовна институција“ – зошто избегнувате да го именувате? Овој опис веројатно дава идентификација за тие што се во вашиот професорски круг, но не значи ништо за пошироката јавност.
КЕКЕНОВСКИ Идентификацијата е повеќе од јасна, но јас немам причина јавно да го именувам, затоа што би требало и тоа да го докажам. Ги немам тие инструменти, но треба само да се види начинот на кој што се дојдени на факултет. Само видете временски кога и како тој докторирал.
ФОКУС Е како да видиме, кога и ние немаме инструменти! Како може кафекуварка да биде декан на еден од приватните факултети, како што ќе објавите?
КЕКЕНОВСКИ Прашајте ги газдите кои ги вработиле.
ФОКУС Кажете ми кој газда да го прашам, па ќе го сторам тоа. Пишувате за газдата на еден универзитет дека е „капо ди тути капи“! Во која смисла?
КЕКЕНОВСКИ Можеби на неговата институција е „капо ди тути капи“ инаку во јавноста не.
ТИЕ МОЖЕ ДА СТАНАТ И АКАДЕМИЦИ!
ФОКУС Сепак кога ќе кажете дека дотичниот секојдневно како петел се кити со разни научни титули, се прашувам ама и Вас ве прашувам: зошто на луѓето не им е срам што купуваат научни титули, се фалат со купените дипломи иако околината знае дека тие се лажни?
КЕКЕНОВСКИ Не само што купуваат титули, туку тие преку ноќ стануваат и редовни професори. Се прескокнуваат сите оние скалила од доценти, вонреден професор, а во законот се знае како и кога, после колку години, после какви научни трудови може да се унапреди во вонреден професор. Значи треба да исполнувате одредени услови. А вие не можете, вчера сте ја купиле дипломата, а утре веќе да бидете редовен професор.
ФОКУС Ќе се изненадите ли овие „лажњаци“ ако утре станат академици?
КЕКЕНОВСКИ Не ме изненадува ништо веќе во оваа наша држава.
ФОКУС Мислите ли дека и во МАНУ е опаднат критериумот?
КЕКЕНОВСКИ Да, мислам дека е опаднат.
ФОКУС Кога зборувате за овој „новосадски, украински, а можеби и бугарски доктор на науки“ дури ќе наведете дека е превеан криминалец, кој самите наведувате дека често го гледате во друштво со највисоките државни функционери на кои им држел лекции по патриотизам и етика. Зарем ова не говори дека тој ја ужива заштитата токму од власта? Не можам да поверувам дека не знаат од кој калибар доктор е?
КЕКЕНОВСКИ И на мене уште не ми е јасно. Кога ќе ги видите такви луѓе веднаш нацртани позади премиерот, кога ќе ги видите секогаш во друштво на високи функционери на власта, кога во институцијата каде што работат или се сопственици ќе ги видите првите луѓе во државата. Кога во нивните институции велат: Ајде дојдете, побрзо за да завршите кај мене. Што сакате повеќе од тоа.
ФОКУС Потоа што станува?
КЕКЕНОВСКИ Ништо. Кучињата лаат, караванот си врви.
ФОКУС Но зошто молчат оние вистински доктори на науки, кои ја стекнале дипломата нормално?Зошто тие ја веднат главата?
КЕКЕНОВСКИ Прво се работи за еден солидаризам помеѓу одреден број на колеги. Второ, се размислува дека утре и јас може ќе донесам некој кандидат, па ќе треба и ти на мене да ми учиниш, принципот „на ти го- дај ми го“ и често пати се случува така – на доверба на менторот, останатите членови на комисијата да потпишат одредена рецензија. Инаку, добро е што сеуште е мал бројот на вакви случаи. Но, се плашам каде ли ќе стигнеме доколку сето ова продолжи вака.
ФОКУС Сепак, доколку премиерот Груевски и министерот за образование имаат политичка волја тогаш можат да се справат со овој „научен геноцид“! Ваквите лица со лажни дипломи потоа работат со студентите. Какво образование тие ќе им пренесат?
КЕКЕНОВСКИ Овие лица јас ги нарекувам „научни“ превеани криминалци. Мислам дека ова е ситуација која што се решава многу брзо. Министерството, но и генерално образованието до сега ни беше ставано на маргините. Видете кој се ни беше ставан за министер во овој ресор. Колку што прочитав на интернет, освен во Црна Гора и во Босна и Херцеговина, немаше други држави каде што е министер некој што нема допирни точни со образованието. Едниот е правник, а другиот е политиколог, додека воглавно сите други се професори, доктори на науки, луѓе кои што имаа допирни точки со образованието. Од таму, мислам дека основниот проблем е тука, се додека не поставиме „здрав“ министер…
ФОКУС И „здравите“ се купуваат! Секој има цена и очигледно треба само власта да му ја потрефи?
КЕКЕНОВСКИ Да, но меѓутоа неможеме сите да ги ставаме во исти кош. Поентата ми е друга. Друго е кога човек има познавање во област. Јас не се согласувам со некои мои колеги кои што велат дека владата е политичка и не е битно кој ќе го стави во тој ресор, туку треба да биде политичка личност. Во ред, но едно мораме да разбереме, дали ние цел живот мораме да ставаме министри кои ќе учат, на кои цел мандат ќе им помине во учење, или треба да ставиме министер кој уште од првиот ден ќе ги познава работите. Ние само зборуваме за реформи, но што направивме од реформате? Мислам дека во последно време малку ни е засилена реформата, само што чувстувам како да ни вергла во место.
КОЛЕГИТЕ МИ ЧЕСТИТААТ, АМА – ТАЈНО!
ФОКУС Во секое село се отворија факултети, се отворија незнам колку приватни факултети, но ние не добивме квалитет во високото образование. Ние баш сега говориме дека се паднати критериумите, а реформа е да добиете нешто што е подобро.
КЕКЕНОВСКИ Ова се случуваше пред неколку години во Бугарија, таму имаше наплив пред се на приватни факултети. Но овде ни се случи да имаме наплив и на државни и на приватни факултети. Мислам дека веќе поминаа 4 или 5 години кога веќе можеме да ги сублимираме резулатите. Факт е дека од оние новите факултети што се отворија, еден дел добро функционира. Ако видите дека тоа не функционира, дајте стопирајте го тоа, немојте и понатаму да ни тежи. Зошто се чека?
ФОКУС Добро, бидејќи има хиперпродукција на доктори на науки, значи може да се отвораат уште факултети?
КЕКЕНОВСКИ Имаме една апсурдна ситуација. Од една страна имаме хиперпродукција, кои воглавно се вработуваат во приватните институции, но, од друга страна, па имате недостаток на професори. Имате факултети каде што професори предаваат по 7-8 предмети, а да ги прашате, нема да можат да ви ги набројат имињата на предметите што ги предаваат.
ФОКУС Тоа кажува каков е квалитетот на нивните предавањата.
КЕКЕНОВСКИ Јас немам, а не гледам и не знам дека некој има толкав капацитет да предава 7 или 8 предмети. Јас можам да се согласам за 2 па евентуално и 3 предмети да се предаваат. Но се повеќе од 3 е премногу, јас не гледам таков капацитет. Што сакаме ние да бидеме – само обични прераскажувачи? Па студентите знааат да читаат, самите ќе си ја прочитаат лекцијата. Ние значи дека тука треба да бидеме инвентивни во предавањата, не само да прераскажуваме што некој напишал
ФОКУС Ама каде е тука универзитетската елита?
КЕКЕНОВСКИ Еве ја универзитетската елита, преку 50-тина повици добив: Браво, Јове, алал да ти е, така треба. А никој не излегува во јавност. Дури и ќе ви кажам, на едно високо ниво се разговарало, еден ректор го прашале неколку други ректори: Што мислите за написот на Кекеновски? Тој многу коректно рекол дека треба да излезат и сите да ме подржат јавно. Но сега за сега нема ништо.
ФОКУС Што е молкот? Си го купуваат мирот?
КЕКЕНОВСКИ Не бранувај, за да си плови бродот мирно. Што помирно плови бродот, подобро е!
ФОКУС Ако универзитетската фела функционира по „не бранувај“ филозофија, тогаш зошто очекуваме од државата да реагира?
КЕКЕНОВСКИ За жал, таков ни е системот, а, впрочем, и таков е нашиот менталитет.
ФОКУС Дали сега граѓанин на Македонија, ако сака на дете да му купи диплома, може лесно да дознае на која врата да тропне, на кој факултет?
КЕКЕНОВСКИ Кај нас велиме купување диплома, но сега, со оглад на она што е воспостевен систем, испаѓа дека секој треба да се запише на факултет, ама и секој треба и да заврши. А ќе заврши онаму каде што е најлесно. Едноставно си плаќате школарината и нема проблем. Филозофијата – штом се запишал, мора да заврши, треба да се искорени и тоа што е можно побрзо.
ФОКУС Па што е целта тогаш на оваа влада? Моментални ефекти, популизам?
КЕКЕНОВСКИ Не е само да оваа влада. Болоњската декларација ние почнавме да ја применуваме од 2003 година, но очигледно е дека ја применуваме во друга смисла. Факт е дека на овие простори не функционира така како што треба да функционира и на некој начин ни го деградира целокупниот систем на образование. Мора нешто да се превземе за да се врати довербата.
ФОКУС Реагиравте навредено кога министерот Тодоровски реагираше против корупмирани професори кои за пари пуштат студенти на државниот универзитет. Зарем не Ви се случило близок човек да ви каже дека морал да плати за испити и слично?
КЕКЕНОВСКИ Секојдневно слушаме. Ми се пожалиле многу познаници, пријатели, дури и самите студенти. Имаат софистицирани начини на кои се плаќаат оценките. Дури, за жал, ги знае и полицијата тие луѓе, меѓутоа ништо не превзема.
ФОКУС Зошто не превзема?
КЕКЕНОВСКИ Не знам и навистина не ми е јасно. Сум разговарал и со луѓе, ги прашував што не превземат нешто. Ми кажуваа дека тоа тешко се докажува. Им реков дека треба да работат за да го фатат човекот.
ПОСТОИ САМО СИСТЕМ НА ЛОЈАЛНОСТ
ФОКУС Која е тарифата за да положи испит?
КЕКЕНОВСКИ Не знам, различно е. Обично се жалат, но не кажуваат.
ФОКУС Од тоа што ви го кажуваат, како оди тоа полагањето, сигурно не му плаќа на професорот на рака?
КЕКЕНОВСКИ Тоа се добро разработени канали, преку пријатели, преку роднини кои ја вршат целата таа работа.
ФОКУС И тоа функционира? Веројатно се чувствуваат сигурни дека нема да бидат фатени?
КЕКЕНОВСКИ Доколку државата сака, односно надлежните институции, тоа можат да го решат. Затоа и отворањето на канцелариите за корупција го коментирав дека сето тоа е за џабе, сѐ е сеење на магла, бидејќи така поставени тие нема функционираат. Пуштете му на професорот еден ден студент – полицаец, па да видите како ќе ја завршат работата.
ФОКУС И зошто се чувствувавте навредено од министерот тогаш?
КЕКЕНОВСКИ Реагирав што сите професори ги става во исти кош. Повеќе од јасно е дека не можат мене да ме стават во исти кош со корумпирани професори. Што значи тоа? Имате еден мал сегмент и добро е што е помал сегмент, иако успешно си функционираат.
ФОКУС Доколку не се реагираат навреме, и други ќе влезат во тој кош, кога ќе видат дека тоа добро и лесно функционира, па ќе почнат да се чувствуваат како будали со својата чесност. Зборувате и за конкретен случај, кога еден професор ги принудува студентите да купуваат негова книга, и тоа е еден вид на корупција, а велите дека дури и просветниот инспекоторат го има констатирано тоа, но повторно – ништо!
КЕКЕНОВСКИ Јас имам еден записник од еден државен инспектор во една институција во РМ. Врз основа на тој записник, врз основа на таа констатација, јавно реагирав, но никој ништо не превзема. Се случува потоа ректорот да го именува дотичниот за ве-де декан на една институција, меѓутоа неговите колегите не го избираат, така што пропадна обидот на ректорот да го постави за ве-де декан.
ФОКУС Беше ли казнет, ако има просветен инспекторат?
КЕКЕНОВСКИ Како казнет? Па тој на тој начин беше награден .
ФОКУС Добро, просветниот инспекторат го води Џорџе Арсов. Што прави просветниот инспекторат на сиве овие работи?
КЕКЕНОВСКИ Незнам, ќе го прашате Џорџе Арсов. Најверојатно тој е и тука толку успешен колку што беше успешен со справувањето со дивоградбите во неговата општина додека беше градоначалник.
ФОКУС Кај нас владее правилото: смени го затоа што е лош како министер, а потоа прати го на пример да биде амбасадор! Градоначалник кој не се покажал многу успешен, дај му да води некаков инспекторат. Кој е тој систем на вредности?
КЕКЕНОВСКИ Испаѓа дека нема систем на вредности, туку има само систем на лојалност.
ФОКУС Вие сте сеуште член на ВМРО-ДПМНЕ?
КЕКЕНОВСКИ Да, но не сум политички активен.
ФОКУС Не ве ангажираат?
КЕКЕНОВСКИ Очигледно дека не можам да бидам толку лојален, колку што некој тоа го очекува. Не ги задоволувам стандардите за лојалноста.