Никола Груевски: Власта се однесува душмански кон поединци, но не е свесна, колку Бог е немилосрден кон неправдите!

by Фокус 17:24
17:24

Подготвила
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Дали има некаков ефект од Вашите протести во врска со масовната и селективна примена на притворот?

- Advertisements -

ГРУЕВСКИ Очигледна е злоупотребата на институцијата притвор. Имаме конкретни примери, како што е случајот во Гевгелија, со директорката на медицинскиот центар… Понатаму, случајот со генералот Горан Стојков и многу други. Имаме класични злоупотреби… Владата сака пред граѓаните да покаже дека се бори против корупцијата, меѓутоа, борбата против криминалот и корупцијата не може да биде вистинита, ако таа е насочена само кон една партија или кон една политичка гарнитура. Се додека не тргнат од себе, додека не направат проверка на криминалните афери од првото владеење на СДСМ, па дури и сега, никој нема да поверува и сериозно да ги сфати.

Јас го чувствувам тоа како обид да се направи драма во јавноста, да се оттргне вниманието од реалните проблеми, особено од економските, иако не сакам да кажам дека криминал немало, како што никој не може да каже дека и пред 1998 немало криминал и корупција. Нема да ме изненади ако и во септември се продолжи со таква активност, затоа што доаѓа периодот на давање отчет за сработеното во оваа една година, по „прочуениот“ 15 септември. Добивам информации дека тие подготвуваат нови апсења во септември, за да го оттргнат вниманието на јавноста и да покажат „колку многу работат“. Но, со овие методи нема да стигнат далеку. Народот е се понезадоволен и се чувствува измамен, пред се од изборните ветувања!

ФОКУС Сметате дека работат по список?

ГРУЕВСКИ Не знам дали имаат список, но имам информации дека бараат нови случаи за да направат нови циркуси, со кои ќе предизвикаат ситуација да се зборува само за тоа. Никој да не зборува за нивните резултати, особено во економијата, враќањето на раселените, сиромаштијата, безбедноста..!

 

ЦЕЛТА ИМ Е ДА ВЛЕАТ СТРАВ КАЈ СУДИИТЕ

ФОКУС Каков ќе биде вашиот одговор?

ГРУЕВСКИ Ние реагираме со сите можни средства и инструменти што ни се на располагање. Ја известуваме меѓународната заедница, ги известуваме сите меѓународни невладини организации за нарушување на човековите права, подготвивме неколку извештаи што до сега се испратени на многу адреси; детално и аналитички разговараме на сите нивоа, го истакнуваме тоа и во јавноста, ги анализираме случаите, и, нормално, не сакаме цело време да го посветиме само на оваа тема. Не сакаме да ја исполниме целта на СДСМ и да разговараме само за селективната примена на законот. На преден план ние ги ставаме економските, безбедносните проблеми, иднината на државата, напредокот кон ЕУ, прогресот кој е исклучително бавен, често и го нема, назадуваме…

За неправдите, пак, што ги прават само за да останат на власт, за душманското однесување кон поединци, за тоа сум сигурен дека ќе им се врати како бумеранг. Можеби не веднаш, но ќе им се врати. Не се свесни што прават и колку немилосрдна е Природата и Бог кон неправдите!

ФОКУС Според изјавата за Слободна Европа, Црвенковски е задоволен од полицијата и обвинителството, но не и од судството. Дали Груевски е задоволен од судството?

ГРУЕВСКИ Се насетува дека тој се обидува да го стави судството под целосна контрола на извршната власт. Се случија некои чудни работи, како менувањето на Судскиот совет, па принципот при разрешувањето на поранешниот обвинител…

ФОКУС Мислите дека извршната власт ја немаше контролата и до сега?

ГРУЕВСКИ Не можам во целост да кажам дека ја имале, ниту дека сега ја имаат, затоа што таму сигурно има многу личности кои се независни и достојни за почит. Никогаш не можам да кажам дека генерално го имаат целото судство, но, се обидуваат. И тоа го прават дрско. Како што Судскиот совет комплетно го сменија, целосно неуставно, и покрај укажувањата не само на нашата јавност, туку и на меѓународната заедница.

Значи, сакаат да извршат политички притисок, да влеат страв кај судиите, кои ќе знаат дека можат многу лесно да бидат сменети. За невладините организации, и за странците што не посетуваат, тоа е неверојатна работа.

Тие буквално се фаќаат за глава кога ќе им кажеме дека на Владата и текна да си го смени Судскиот совет, за да си донесе нов; потоа, си назначија нов Уставен суд; нормално, речиси само со нивни предлози, си назначија Антикорупциска комисија од 7 члена, од кои што 6 члена се по предлог на Владата; го сменија директорот на Агенција за државни службеници; на Управата на Телекомуникации и тоа спротивно на законските прописи. Некои од нив, како директорот на Агенцијата за Телекомуникации, веќе ги добија и судските процеси. Власта, пак, целосно ги игнорира сите критики и забелешки, но, тоа ќе им се врати како бумеранг!

 

АКО МЕДИУМИТЕ ГИ ЗАБОШОТУВААТ ГРЕШКИТЕ НА ВЛАСТА, ТАКА ЈА УМРТВУВААТ ДЕМОКРАТИЈАТА

ФОКУС Ги контролира ли СДСМ медиумите? Вашиот претходник Георгиевски со новинарите беше во тивка војна. Вие, како министер за финансии, одржувавте коректни односи со медиумите. Како сега ќе го оцените медиумскиот простор?

ГРУЕВСКИ Моите лични односи се добри и понатаму, меѓутоа, се уште се чувствува една негативна енергија кон ВМРО-ДПМНЕ, иако тоа не е од сите. Некои телевизии, кои сосема очигледно беа заземале страна и целосно ги игнорираа нашите факти, полека почнуваат да го менуваат своето однесување, Медиумите ќе разберат дека нивното значење и улога во демократските позиции на земјата е клучно и дека нивното однесување е и нивна голема одговорност за се што и се случува и ќе и се случува на Македонија.

Ако тие ги забошотат настаните и грешките што ги прави Владата, или, пак, реакциите на опозицијата, тогаш директно влијаат на замртвување на демократијата на Македонија. Не е битна тука ВМРО-ДПМНЕ, битно е она што го живееме и треба да го живееме во оваа држава. Мислам дека полека се сфаќа тоа, иако има и многу лични интереси. Некој чека нешто да му се заврши, да добие нешто, што значи дека секакви варијанти се во оптек.

Меѓутоа, генерално, мислам дека медиумите разбираат дека само со подршка на една партија, особено кога е таа владеачка, можат да направат штета на државата, но и на самите себе си.

Колку и да се пласираат информации по нивен терк, народот по некое време ќе сфати дека состојбите не само што не му се менуваат на подобро, како што беше ветено, туку се влошуваат, па толку побрзо ќе опаѓа и нивната гледаност, читаност, доверба. Не очекувам повеќе од медиумите, отколку да бидат барем 70 отсто критични, колку што беа кон претходната влада. Што не значи дека и поранешната влада понекогаш не оставаше голем простор за критика и дека се било тенденциозно. Грешки секако имаше..!

 

КОГА ВЛАДАТА СЕ МЕША ВО БИЗНИСОТ, СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ БЕГААТ

ФОКУС Велите дека во времето на СДСМ странските инвестиции се маргинализирани. Дали во тој контекст ги ставате и преговорите со Канадски пошти и ПТТ?

ГРУЕВСКИ Владата влезе во пресметка со странските инвеститори кои вложиле пари во времето кога не владеел СДСМ. Значи, ако некој вложил кога тие владееле, тогаш – во ред. За овие 4 години, додека биле во опозиција, тие сакаат да наметнат чувство дека најголем дел од инвестициите се сомнителни. Непријатно и зачудувачки беше кога на Телеком му пратија јавна порака дека, ако не даде дивиденда, ќе му бидат пратени сите инспекции. Тоа е нешто за што се фаќаат за глава на Запад.

Со Канадски пошти, пак, договорот е склучен; еден речиси загубар ПТТ да се даде на една реномирана куќа со околу 40 такви инвестиции во светот, се со цел ПТТ да престане да биде загубар и во догледно време да носи одредени користи. Но, и тука се бара криминал.

ОКТА ја нападнаа жестоко и не гледам дека постигнаа некаков успех. Исто се случи и со Газела, Нова Македонија, луѓето се уште не земаат плата, ниту се знае што таму навистина се случува. Дури и да имало некои неправилности, Владата толку грубо се пресметува со нив, што ги плаши потенцијалните инвеститори. Тоа се исклучително лоши сигнали…

Се работи за владеење на правото, за гаранција на сопственичките права, за репутацијата на инвеститорите. Ако Владата прави штрајкови во кои работниците го фаќаат сопственикот за врат, тогаш  треба да се бараат инвеститори кои имаат повеќе пари, отколку мозок, за да инвестираат во оваа земја. Нормално е што не доаѓаат, гледаат колку Владата се меша во бизнисот, какви пораки праќа… Ако некој сака да влезе во земјава, тој прво ќе ги праша веќе влезените. Што ќе им каже Телеком, ОКТА, Газела?

 

САКААТ ДА ГО ЗАМОЛЧАТ НАРОДОТ

ФОКУС Каква есен предвидувате на економски и социјален план?

ГРУЕВСКИ Тешка есен… Сиромашна, посиромашна од било кога. Бројот на невработените постојано расте!

ФОКУС Очекувате ли социјални немири?

ГРУЕВСКИ Не ги исклучувам и социјалните немири, особено што на брутален, селективен начин се бркаат вработените од државната администрација. Се бркаат само оние што се вработени во последните 4 години. Значи, нема избор по квалитет, или, пак, на оние што се пред пензија; или доброволно со 24 плати, или да се приватизира некој дел од државната администрација… туку се оди само на вработените во последните 4 години. Тука фрустрацијата е двојна. Ем поради самото губење на работата, ем поради начинот… За жал, мислам дека Црвенковски го прави тоа сосема свесно. СДСМ прави се, за да го исплаши народот, за да молчи и кога му е многу тешко. Но, не може така вечно, тоа е вештачки… Незадоволството се акумулира!

ФОКУС Дали, доколку се вратите на власт, реваншот ќе биде неизбежен?

ГРУЕВСКИ Не би сакал да се случи тоа, но, се јавуваат тешки фрустрации кај луѓето, кои тешко би можеле да се контролираат. После такви неправди што им се прават… Но, свесен сум дека така нема далеку да стигнеме!

Поврзани новости