Покажавте дека грижата за другите е човечка должност!

by lali

Попладнево, одејќи накај плоштад, поминав покрај маркетите во Центар. Беа полни со редици луѓе кои во рацете држеа гајби вода, пелени и кеси со средства за хигена и продукти што помислиле дека ќе бидат потребни за настраданите. Кога стигнав на плоштад, веќе имаше голем број на пакети што чекаа да бидат товарени и однесени, а еден пријател кој беше волонтер во акцијата ми кажа дека дури и од 10 часот утрото спакувале неколку тури и ги товариле по комбињата и камионите. Сега читам и гледам слики и по другите пунктови во Скопје а и по другите градови низ Македонија дека имало голем број донации.

Браво Македонијо. Многу сум горд на човечноста и хуманоста кај луѓето. Денес видов голема солидарност, а тоа ме потсети на една стара приказна:

Едно топло лето, во шумата избувнало пожар. Пожарот за многу кратко време се раширил и ги присилил сите животни што живееле во шумата да почнат да бегаат и се спасуваат како знаат и умеат. Во целата таа гужва, трчајќи, група животни забележале едно мало врапче како лета во спротивен правец од нив, во правец дирекно кон пожарот. Тогаш мечката зачудено го запрашала и предупредувачки му викнала:

– Врапче, каде одиш натаму?!? Опасно е, врати се!

Врапчето првично ја игнорирало мечката, отишло над пожарот и од својот мал клун истурило вода врз оганот, а потоа летајќи назад одговорило:

– Јас имам крилја и можам да одлетам многу далеку и лесно да се спасам од пожарот, но решив да помогнам колку што можам!

– Па што можеш да направиш со толку малку вода во клунот? – повторно го прашала мечката.

– Моја должност е да се обидам да помогнам, а ако и сите вие истото го сторите, можеби и ќе има шанси да ја намалиме штетата што пожарот има намера да ја направи! – oдговорило врапчето и повторно одлетало до најблиската река да го наполни клунот со вода.

Е драги мои, денес сите вие што помогнавте на начин колку можевте и умеевте бевте исто како врапчето од шумата. Покажавте дека грижата за другите е должност. Сега треба да се надеваме дека таа „трошка“ помош ќе биде од корист за настраданите во Босна и Србија!